Американскиот државен секретар Антони Блинкен заедно со министрите за надворешни работи на Јапонија и Јужна Кореја „остро го осудија“ севернокорејското лансирање на балистичка ракета над Јапонија, изјави во вторникот портпаролот на Стејт департментот.
Тројцата, исто така, го осудија непочитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН од страна на Северна Кореја и длабоко дестабилизирачките последици од тоа за регионот, рече портпаролот Нед Прајс.
Блинкен истакна дека посветеноста на САД за одбраната на Јужна Кореја и Јапонија останува „цврста“ и ја повтори важноста од блиска трилатерална соработка за да се бара Северна Кореја „одговорна за нејзиното неприфатливо однесување“, се додава во соопштението.
Нуклеарно вооружената Северна Кореја во вторникот истрела балистичка ракета за прв пат по пет години над Јапонија, со што ги предупреди своите граѓани да се евакуираат.
Јапонската влада издаде предупредување до граѓаните додека проектилот прелета над земјата, пред да падне во Тихиот Океан.
Токио соопшти дека нема преземено одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над островите од 2017 година.
„Серијата акции на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистички ракети, го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик за целата меѓународна заедница, вклучително и Јапонија“, рече владиниот портпарол Хирозаку Мацуно.
Недолго потоа, јапонскиот премиер го нарече чинот на Пјонгјанг „варварски“.
Воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека се чини дека станува збор за проектил со среден дострел лансиран од севернокорејската провинција Јаганга.
Пјонгјанг веќе ја искористи областа за лансирање на своите ракети, вклучително и неколку за кои тврди дека се „хиперсонични“.
Јапонската телевизија Асахи, повикувајќи се на неименуван извор од владата, објави дека ракетата паднала на околу 3 илјади километри од Јапонија.
Поради севернокорејската ракета во прекин е железничкиот сообраќај во северните региони на Јапонија, јави јапонската телевизија NHK.
Ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.