Владата треба да ја замрзне цената и на месото бидејќи тоа има најголемо учество во потрошувачката кошница од 9%, и годишна инфлација од 30%, порачува економистот на Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ.
Јовановиќ во изјава за порталот Денар вели дека мерката на владата за замрзнување на цените на некои прехранбени производите ќе даде резултати и ќе ја заузди инфлацијата и дополнително нема да им наштети на бизнисите.
Пресметките се дека учеството на лебот и житата во потрошувачката кошница е 8,4%, а на млекото и млечните производи 7,8%, што е доста високо. Дополнително, токму овие две групи производи имаат највисок раст на цените во однос на лани – лебот и житата се 40% поскапи од лани, а млекото и млечните производи 37%. Месото има најголемо учество во потрошувачката кошница од 9% и во годишна инфлација од 30%.
– Не се издржани критиките дека со ограничувањето на цените ќе бидат погодени фирмите од овие дејности. Фирмите веќе прават сосема солидни профити и сега тие профити само малку ќе им се намалат. На светските берзи, цените на сите овие производи моментално се пониски отколку пред една година – на месото за 2%, на млечните производи за 7%, што значи дека цените во Македонија се високи поради зголемените профити на фирмите. Не се согласувам ни со критиките дека во пазарна економија нема место за вакви мерки. Напротив, секоја пазарна економија, за да биде функционална, мора да има државна регулација и интервенција. Без тоа нема функционална пазарна економија, има див запад – вели Јовановиќ.
Министерството за економија најави нова листа на прехранбени производи со замрзнати цени за што се прават последните анализи.