Јапонија ќе го задржи уделот во проектот Сахалин 2 за течен природен гас (ЛНГ) во Русија, бидејќи тој е клучен за енергетската безбедност, изјави премиерот Фумио Кишида.
Уделот на Јапонија во проектот, како и други слични инвестиции во Русија, се најде под лупа поради кризата во Украина. Бројни западни нафтени и гасни компании најавија повлекување од руските проекти поради руската инвазија на Украина, потсетува Ројтерс.
Јапонија ги заостри санкциите кон Русија, но владата во Токио постојано истакнуваше дека рускиот течен гас е клучен за енергетската безбедност на земјата.
„Јапонија има удел во Сахалин 2, што придонесува за сигурно долгорочно, стабилно и евтино снабдување со ЛНГ. „Овој проект е исклучително важен за енергетската безбедност на Јапонија“, рече премиерот Кишида во четвртокот.
„Нашата политика не е повлекување“, рече Кишида, додавајќи дека неговата влада ќе продолжи да бара начини да ја намали зависноста на Јапонија од руските енергетски извори.
Водечките јапонски трговски компании Mitsui & Co и Mitsubishi Corp поседуваат 12,5 отсто и 10 отсто од акциите во проектот Сахалин 2, соодветно.
Русија сочинува четири отсто од увозот на сурова нафта во Јапонија и девет отсто од увозот на ЛНГ и е важен снабдувач со енергија за Јапонија сиромашна со ресурси, особено по намалената употреба на нуклеарна енергија по нуклеарната несреќа во Фукушима во 2011 година, потсетува Ројтерс.