Јапонија во петокот ги засили санкциите против Русија по последниот бран ракетни напади врз Украина со проширување на листата на забранети производи за извоз во Русија и замрзнување на имотот на руските официјални лица и субјекти.
Одлуката доаѓа по серијата руски напади низ Украина во четвртокот, во кои загинаа најмалку 11 лица, откако Германија и САД ветија дека ќе и достават на Украина тенкови од нивно производство. „Со оглед на ситуацијата околу Украина и за да придонесе во меѓународните напори за обезбедување мир, Јапонија ќе спроведе забрана за извоз во согласност со другите големи земји“, соопшти Министерството за економија, трговија и индустрија.
Како дел од новите санкции, Јапонија, меѓу другото, од 3 февруари ќе забрани испорака на производи на 49 организации во Русија кои би можеле да ги користат за подобрување на руските воени капацитети. Тие ќе вклучуваат производи кои се движат од водени топови, опрема за истражување на гас и опрема за полупроводници до вакцини, опрема за рендген, експлозиви и роботи, соопшти Министерството.
Јапонија, исто така, ќе ги замрзне имотите на три ентитети и 22 поединци во Русија, вклучително и воздухопловната компанија АД Иркут, производителот на ракети земја-воздух ММЗ Авангард, заменик-министерот за одбрана Михаил Мизинцев и министерот за правда Константин Чуиченко, како и 14 лица поврзани со анексија на делови од југоисточна Украина.