Највозрасниот активен професионален фудбалер во светот, Јапонецот Казујоши Миура, кој во февруари ќе го прослави својот 58 роденден, објави дека ќе ја одигра својата 40-та сезона во професионалниот фудбал, јавија денеска локалните медиуми.
Миура е член на Јокохама, но е позајмен во јапонскиот четвртолигаш Атлетико Сузуки, за кој забележа десет настапи, а планира во дресот на овој клуб да игра и во својата 40. професионална сезона.
– Не планирам да се повлечам, мојата страст за играта е сè уште силна како порано – изјави Миура во јуни кога пристигна во Атлетико Сузука.
„Кралот Казу“ како што го нарекуваат Миура во родната Јапонија, го носеше репрезентативниот дрес од 1990 до 2000 година и во тој период забележа 89 настапи и постигна 55 голови.
Миура го направи своето професионално деби во 1986 година за Сантос, клубот кој го прослави бразилската ѕвезда Пеле. Покрај Бразил и Јапонија, настапуваше и за екипи од Италија, Хрватска, Австралија и Португалија.