Многу скоро ќе направиме ревизија на легалното работење на бројни универзитети и како што секогаш сум истакнувала, тие што работат спротивно на законот, нема да можат да постојат и понатаму, додека тие што работат легално и продуцираат квалитетен кадар да не се плашат и понатаму ќе можат да работат, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска во интервју за МРТВ.
– Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти – додаде Јаневска, напоменувајќи дека треба да се направи модернизација на студиските програми.
Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.