Италијанската критика ја оцени претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин како автентично откритие на фестивалот и претстава со голем интензитет и естетски вкус.
Весникот „Verona Sera“ објави критички осврт кон фестивалската програма на Верона Шекспир Фринге фестивалот, која се одржа од 24 до 31 август годинава и која во целост е оценета како извонредно успешна. Во критичкиот осврт за претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин, во изведба на танчерите на Скопје танцовиот театар, се истакнува:
„Автентично откритие на Фестивалот беше талентираната македонска кореографка Рисима Рисимкин која со својата мошне оригинална верзија на ликот на Лејди Магбет забележа рекорден број на посетеност и исполнетост на салата на театарот Камплој…
Благодарение на танцовата театарска претстава со голем интензитет и естетски вкус, способна да му даде глас на сложениот лик на Лејди Магбет и нејзините внатрешни демони, во мултипликација на нејзиниот и идентитетот на нејзиниот амбициозен сопруг, меѓу заводливите вештерки, сабласните духови и сенки кои се појавуваат од темнината. Во игра на светлината конструирана со големо мајсторство, осумте изведувачи совршено изведоа кореографија разложена помеѓу поделбите на телото и хипнотичките целокупни слики, жестоката напнатост и шилести форми.
Вистински меѓународен настан, одбележан со присуството на Македонската национална телевизија, која чекор по чекор го документираше веронското деби на Скопје танцовиот театар.“
Автор на музиката за „Лејди Магбет“ е композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената и светло се на Матеа Мијановиќ. На сцената на Театарот „Камплој“ во Верона, на 29 август годинава, извонреден настап имаа Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти не Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ кои преку проектот „УГД – Чекор кон светот“ се дел од претставата.
Претставата е во продукција на Интерарт културниот центар. Домашната премиера беше изведена на 26 април во Скопје, а потоа претставата се изведе и на Битола Шекспир Фестивал на 26 јуни 2023 година. На 29 август 2023, претставата „Лејди Магбет“ имаше светска премиера во рамки на фестивалот Верона Шекспир Фринге фестивал 2023 во Италија.