Израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија напади во домовите на високи функционери на Хамас во луксузната населба Римал во Газа и пронајдоа околу 35 тунели, разни видови оружје, убивајќи притоа поголем број борци на Хамас.
Како што е наведено во соопштение на ИДФ, во населбата Римал има „резиденции на високи функционери на Хамас кои ја презеле контролата врз тамошните згради за да управуваат со терористичките активности“, пренесоа израелските медиуми.
Поголемиот дел од Римал, некогаш една од најбогатите населби во Газа, веќе претрпе големо уништување во воздушните напади.
„Хамас за своите воени операции користи и цивилни области во таа населба, а во соседството има и воени објекти и милитантни групи и владини згради“, соопштија израелските сили.
Пронајдено е и едно складиште за оружје во кое имало и седум ракетни фрлачи.
Во саботата, армијата ги прошири своите операции на неколку области во северниот дел на Појасот Газа кои се сметаат за упоришта на Хамас, вклучувајќи ги и населбите Зејтун и бегалскиот камп Џабалија. Планирани се операции и во Шеџаија, каде Хамас и нанесе големи загуби на израелската армија во претходната војна во 2014 година.
Како што се откриваат отворите кон тунелите, тие се обележани и таму се испраќаат специјално обучени кучиња да проверат дали има експлозив пред специјалните сили да влезат и да започнат операција за фаќање или елиминирање на оперативците на Хамас.
Војската, пак, објави дека во саботата биле убиени тројца резервисти, со што бројот на загинати војници од почетокот на копнените операции во Газа на 27 октомври се искачи на 61.
Војната меѓу Израел и Хамас трае веќе 44 дена, а започна на 7 октомври по ненадејните напади на палестинските екстремисти од Газа кои ја пробија граничната ограда и навлегоа на јужна израелска територија.
На израелска страна загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, а 240 заложници беа однесени во Појасот Газа. Во израелското бомбардирање, што следеше и последователната копнена операција, загинаа повеќе од 12.300 Палестинци, меѓу кои две третини беа жени и деца.