Израелската армија суспендираше група војници кои беа снимени како пушат наргиле и се шегуваат пред уапсените Палестинци со врзани очи.
На интернет за два дена стана вирална видео снимка на која војниците се смеат и јадат во иста просторија каде што се сместени најмалку седум Палестинци со врзани очи.
„Однесувањето на војниците на видеото е за осуда и во целосна спротивност со вредностите на ИД“, рече портпаролот на израелската војска.
По сослушувањето, резервистите беа суспендирани до понатамошно известување, додаде портпаролот. Видеото снимено во градот Џенин на окупираниот Западен Брег за два дена го погледнале милиони корисници на социјалните мрежи.
На интернет кружат уште неколку видеа и фотографии на кои се гледа како израелските војници пребаруваат куќи, уништуваат стоки во продавниците, се обидуваат да запалат резерви на храна или извикуваат расистички слогани во Појасот Газа. Според АП, ваквите снимки и предизвикуваат главоболки на израелската армија, која се соочува со меѓународни критики за нејзината тактика и зголемениот број на жртви во војната против Хамас.
Израелците креваат раменици на таквите снимки бидејќи го одразуваат националното расположение и големата поддршка за војната во Газа и малото сочувство за страдањата на жителите таму.