Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно повика на прекин на огнот во Либан и Газа додека Израел го напаѓа Хезболах во Либан, вклучително и воениот штаб на Хезболах во јужните предградија на Бејрут.
– Најважно е прво да се обидеме да ги натераме двете страни да престанат да пукаат и да го искористиме времето за време на таквото примирје за да видиме дали може да се постигне поширок дипломатски договор – рече Блинкен на прес-конференција.
Тој додаде дека САД сè уште веруваат дека е можно дипломатско решение на Блискиот Исток.
– Можеби во овој момент е тешко да се види дипломатскиот пат, но според нас тој е неопходен. Ќе продолжиме интензивно да работиме на тоа – рече Блинкен.
Тој истакна дека САД ќе ги преземат сите неопходни мерки доколку нивните интереси бидат нападнати на Блискиот Исток, каде што се разгорува насилството.
– САД ќе ги преземат сите неопходни мерки за заштита на американскиот персонал и американските интереси во тој регион – рече тој.
Израел вчера го бомбардираше седиштето на Хезболах во предградијата на Бејрут, а потоа изврши уште напади врз Бејрут, а Хезболах го нападна Израел со ракети.