Петнаесет илјади еднооки војници дошле поразени за да му кажат на својот цар дека загубиле во војната со Византија, а тој умрел од тага. Од неговите солзи настанало Охридското Езеро. Вака вели легендата за Цар Самуил, чие царство македонските историчари го сметаат за македонско. Тој починал на денешен ден во 1014 година, според историјата, од срцев удар.
Што точно знаеме за потеклото на Самуил и неговото царство? Идејата поради која бугарските историчари го сметаат за бугарско се крие само во еден историски податок, а тоа е дека титулата на Самуил, кој, добивајќи ја круната од Ватикан станува „rex bulgarum“, „цар на сите Бугари“. А потоа веднаш следува караницата меѓу историчарите. Дали терминот „Бугарин“ во тоа време, кога постеле само племиња и народи, а не нации, има навистина етничка ознака?
Вулгарос значи Словен
Терминот Вулгарос (на грчки) во времето на Самуил бил ист со терминот Склавос (на латински), означувал Словен и се смета дека имал политичко значење. Неговото царство било нарекувано и Склавинија, што значи царство на Словените. Од друга страна, кај Словените во тоа време уште е изразен племенскиот идентитет, па така делот од каде Самуил потекнува се вика Берзитија, по Брсјаците кои се дел од седумте македонски племиња.
Ерменска мајка, татко Словен
Цар Самуил е дете на кнезот Никола кој бил од словенско потекло и Рипсимија, благородничка со ерменско потекло. Ерменските имиња на неговите браќа зборуваат за фактот дека Ерменци имало на Балканот и тие се мешале со Словените.
Востанието било против Бугарското царство
Четирите браќа заедно со таткото кренале востание против бугарското владеење во Македонија во 969 година. Познато е дека претходно Македонија истовремено им плаќала вазален данок на Бугарското царство и на Византија, а била седиште на благородници како Никола, таткото на Самуил. Но, Бугарското царство била нападнато од Киевска Русија. Никола ја искористил зафатената Бугарија за да формира сопствена држава.
Терминот се задржал до 19 век?
Некои историчари сметаат дека терминот Вулгарос, односно Бугарин останува на Балканот сè до 19 век, па во таа смисла толкуваат изјави на некои македонски преродбеници. Да биде работата уште позамрсена, останало и уште едно политичко име, а тоа е Румели или Роман. Се смета дека Грците до 19 век се нарекувале Ромеи, што значи и Византијци. Подоцна, Турците ќе ја наречат Македонија – Румелија.
Зборот Вулгарос некои го поврзуваат со термин од турско потекло, но и со татарските племиња кои живееле сè до реката Волга во денешна Русија. Лингвистичката дебата продолжува.
Самул не е Хан, туку има Мацедороманска титула
Самуил нема титула на Хан, туку припаѓа на Комитопули, лоза на благородници од Македонија. Познато е дека голем дел од благородниците во Македонија имале римско потекло, односно биле Мацедоромани. Мешањето меѓу Мацедороманите и македонските словени е една од претпоставките во историјата. Од друга страна, Мацедоромани бидуваат поврзувани и со македонските Власи и нивната блискост со Македонците низ историјата.
Ослепени затоа што биле Богомили
Причината зошто Василиј II наречен Василиј Македонецот ја ослепува македонската војска им е добро позната на историчарите. Тоа било казна за Богомилската ерес која се ширела во царството, па дури и во фамилијата на Самуил, иако за него самиот се знае дека бил православен. Струмичкото село Водоча, кое е дел од битката на Беласица од 29 јули истата 1014 година го добило името токму поради „вадењето очи“.
Византијците намерно ги менувале имињата на териториите
Самуил немал избор освен да преземе етаблирано име?
Некои историчари сметаат дека Самуил немал друг избор освен да го земе веќе етаблираното име „Бугарско царство“ при крунисувањето токму од политички причини. За разлика од бугарското, неговото новоформирано царство нема јасна традиција зад себе, а на Самуил му треба токму тоа. Но, истовремено, во погорните делови од империјата, каде посилно е латинското влијание, употребуван е терминот „Склавинија“, од склавус, што на латински значи роб. Дури, некои сметаат дека вака настанал и се задржал терминот „Словен“.
Комитопулите немаат врска со античкомакедонските кралски лози?
Непроверен и шпекулативен е фактот дека Комитопулите од чија династија бил Самуил имаат своја благородничка врска и потекло сè до царските династии на античка Македонија. Во тоа време многу цареви и кралеви намерно го датирале своето потекло со Александар Македонски. На пример, во Византија, постои цела династија, наречена Македонска, цареви за кои Грција смета дека биле етнички Грци.
Јазик значело народ, а Самуиловата држава е прво словенско царство
Самуиловата држава е прво поголемо сесловенско царство на Балканот. Во него бил етаблиран старословенскиот јазик како јазик на сите Словени, само еден век по мисиите на Кирил и Методиј. Зборот „јазик“ во тој период значел „народ“. Ова зборува дека јазикот бил врзното средство кое ги тера Словените од племиња да веруваат во поголемо заедништво. Самуил ја сели престолнината од Преспа во Охрид.
Петар Делјан е последниот наследник на Самуил
Ќерките и синовите на Самуил биле пратени во други земји. Косара станала принцеза во Црна Гора, а синот Гаврило Радомир бил несреќно оженет со унгарската принцеза. По поразот на царството, Византијците го избираат братот на Гаврило, Јован Владислав за свој вазал, па Јован го убива Гаврило. Царството трае до 1018 година кога потпаѓа под Византиска власт. Сепак, во 1040 година, внукот на Самуил, Петар Делјан, во Белград бидува прогласен за цар и наследник на Самуил и предводи успешно востание во Македонија. Владее само една година кога востанието е задушено.
Самуил освојувал на југ, не го интересирала Бугарија?
Оние кои велат дека царството на Самуил не може да се смета за „Западнобугарско“ нагласуваат и уште еден факт. Сите освојувања на Самуил се на југ, не на исток. Многу мал дел од денешна Бугарија спаѓа во неговата територија. Самуил ја освоил Лариса, а целел на Солун. Некои факти велат дека тој сакал да ја води државата по византиско-грчки терк. Словенските племиња уште од самото доаѓање на Балканот сакале да го освојат Солун, но тој останал византиска територија, а подоцна геостратешко пристаниште битно за Западот.
Се зборувало словенски, грчки, латински…
На кој јазик зборувал Самуил? Се смета дека словенското племе Берзити на кое тој припаѓа дошло од денешна Полска. Но, истовремено, грчкиот и латинскиот јазик биле распространети меѓу македонското благородништво. Бил во употреба есперанто јазикот „коине“ кој всушност е мешавина на грчки и латински. Коинето значително влијаело на начинот на кој зборувале македонските Словени. Се смета дека тие до времето на Самуил го знаелето грчкото писмо и грчките броеви бидејќи биле опкружени со ваквите натписи повеќе од два векови од нивното доаѓање на Балканот.
Самоил знаел за величината на Македонија
Постои интересна анегдота, која некои историчари ја сметаат за точна. Познато е дека Самуил со еден од своите браќа отишол во Кведлинбург да се сретне со германскиот цар Отон I, тогашен варварски владетел на Римското царство. Требало да му честитаат Велигден, а Отон да им честита за успешното востание против бугарските власти. Како подарок, наводно, Самуил на Отон му однел една свилена завеса, на која е претставен орелскиот лет на Александар Македонски. На завесата која се чува во музејот во Вирцбург е претставен Александар Македонски кому два орли (христијански симбол) на главата му ставаат златна круна со три крста.
Оваа анегдота често се користи како доказ за фактот дека Самуил, бил свесен за некогашната античка Македонија и нејзината слава. Но, тоа не ја прави неговата приказна поедноставна.
Можеби вистинската приказна за царството кое траело 50-тина години со центар во Охрид, а оставило печат на целиот Балкан и на него подоцна се угледувале цар Душан, Добромир Хрс, Алексиј Слав и други владетели никогаш нема во целост да биде дознаена.
Самоил е закопан на островот св. Ахил во Преспа, денес на територија на Грција каде постои и остатокот од голема црква, некогашното седиште на Охридската архиепископија, пред столицата да биде префрлена во Охрид.