Иранскиот рапер Томај Салехи, кој првично беше осуден на смртна казна поради поддршка на антивладините протести, по две години минати во затвор е ослободен, јавува денеска Би-би-си.
Салехи беше уапсен во октомври 2022 година, откако јавно ги поддржа протестите што избија низ Иран по смртта на Махса Амини во полициски притвор.
Неговата смртна казна беше укината во јуни годинава, а тој беше ослободен од затвор вчера, откако отслужи едногодишна казна за пропаганда против државата, јавија иранските медиуми.
Салехи беше осуден на шест години и три месеци затвор во јули 2023 година, бидејќи ја избегна смртната казна изречена од Врховниот суд.
Салехи потоа накратко беше ослободен со кауција, за по неколку дена повторно да биде уапсен поради објавување видео во кое тврдеше дека бил измачуван од разузнавачи.
Тој беше осуден на смрт во април 2024 година, но казната подоцна беше поништена, а потоа беше обвинет за голем број други кривични дела, вклучувајќи ширење лаги во сајбер просторот, нарушување на јавниот ред и мир и пропаганда против власта.
„Индекс на цензура“, група која водеше кампања за ослободување на раперот, го поздрави неговото ослободување и наведе дека Салехи „никогаш не требаше да биде затворен“.