Изјавата на косовскиот премиер Албин Курти дека албанскиот јазик не е под закана во Македонија предизвика реакции кај опозициската ДУИ.
Реагираше потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, кој рече дека изјавата на Курти за албанскиот јазик во Македонија е „скандалозна“ и „штетна“. Османи смета дека Курти ја поткопува точката од Охридскиот договор која регулира употреба на албанскиот јазик во Македонија, која е постигната преку измена на Уставот во 2001 година.
– Изјавата на Курти за јазиците беше скандалозна, многу штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го уништат Охридскиот договор, особено неговата поента, албанскиот јазик. Последново е едно од прашањата регулирани со измената на Уставот по Охридскиот договор во 2001 година. 15 години не можеме да најдеме правилен компромис за негово правилно толкување во Охридскиот договор. Македонската страна смета дека Охридскиот договор го предвидува албанскиот јазик само во општините каде Албанците се над 20 отсто. Од наша страна албанскиот јазик на сите нивоа на државата е еднаков со македонскиот јазик. По 15 години го постигнавме тоа. Законот за употреба на јазиците, во член 1, вели дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, јазикот што го зборуваат над 20 отсто (албанскиот) е официјален јазик. Мислев дека оваа заедничка средба ќе биде искористена за да се испрати порака до владата на Северна Македонија дека и Косово е заинтересирано да не се деградира позицијата на Албанците во РС Македонија, бидејќи функционалноста на мултиетничката демократија е основа за стабилна и просперитетна Македонија. Ваква порака не слушнавме – рече Османи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред вчерашната меѓувладина седница на Македонија и Косово рече дека очекува на заедничката средба со владата на Северна Македонија, владата на Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик, како и дека очекува реакција од сите партии во Косово.
Ахмети порача дека албанскиот јазик е официјален и дека „ќе го заштитат“. Според него, Охридскиот договор е постигнат со крвта на мачениците и е оживеан со најдобрите синови на ОВК кои го продолжија својот идеал во ДУИ, „додека ДУИ е жива, во опозиција или на позиција, нема да толерираме да биде погоден Охридскиот договор“.
– Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците. Ова прашање е на Уставниот суд во Северна Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени – рече Курти вчера на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница.
Според него, треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој вели дека нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
– Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и дека сега е под закана – додаде косовскиот премиер.
На истото прашање премиерот Христијан Мицкоски рече дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани во време кога на власт беа ДУИ и СДСМ.
– Не знам од каде е впечатокот дека ние имаме влијание и ги контролираме сите политички партии во Македонија, што не е така. Сите треба да знаат дека од првиот до последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ-ДУИ – рече Мицкоски.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, рече дека во Северна Македонија не постои закон за албански јазик за да може да се каже дека тој се укинува. Тој додаде и дека во подготовка е посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во институциите.
– Прво, ќе се надоврзам на одговорот на Курти кој рече дека во Македонија не постои закон за албански јазик, па тој сега да се укине или прекрши. И второ, не се оспорува од Владата, туку има иницијатива во Уставниот суд каде деветмината судии се избрани од Владата на СДСМ-ДУИ и проблемот го прават тие судии на Уставен суд со мандат од минатото мнозинство. Правиме сè од себе да ги задржиме позициите на јазикот и да го унапредиме во иднина. Гарантираме дека албанскиот јазик ќе напредува во Северна Македонија, исто како што најдовме решение и се формираше експертска група од партнерите во Владата кои работат на балансерот, кој беше само механизам, а сега зема димензии на законско решение или посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во Македонија – рече Меџити.
Уставниот суд, на барање на Владата на СДСМ-ДУИ, има побарано мислење од Венецијанската комисија и тие дале забелешки за три члена од Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија.
И Арбен Таравари, министер за здравство во Северна Македонија, изјави дека Курти не згрешил кога зборувал за улогата на албанскиот јазик во Македонија.
Според Таравари, во законот за јазици е прецизирано дека службен јазик се смета јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението, а според него, барањето е да се отстрани процентот.
– Премиерот Албин Курти беше коректен, тоа не е закон за албански јазик. Во Уставот на Северна Македонија, службен јазик е македонскиот јазик, и јазикот кој го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението. Во законот е вклучен и албанскиот јазик. Стратешката грешка е што не инсистиравме во одредени моменти да се повлечат 20-те проценти – рече Таравари во „Интерактив“ на КТВ.
Тој го обвини Ахмети дека не направил ништо во овој поглед додека бил на власт во изминатите години.