Аеродромот Манадо е затворен поради ерупцијата на вулканот Руанг на северот на Индонезија, соопштија денеска индонезиските власти.
Властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко и предупредија на опасност од цунами поради ерупцијата.
Меѓународниот аеродром Манадо, кој се наоѓа на 100 километри од вулканот Руанг, ќе биде затворен до вечерва.
Официјален претставник од Центарот за вулканологија и ублажување на геолошката опасност денеска изјави дека „потенцијалот за дополнителни ерупции останува многу висок“.
Властите затворија област со пречник од шест километри околу вулканот, а портпаролот на Министерството за ублажување на катастрофи, Абдул Мухари, рече дека околу 1.500 луѓе се наоѓаат во област со висок ризик од која мора веднаш да се евакуираат, а уште 12.000 би можеле да бидат загрозени.
Најмалку 800 луѓе се евакуирани поради повеќе од три ерупции на вулканот Руанг од вторникот, предизвикани од неодамнешните земјотреси на островот.
Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, кој е област со висока сеизмичка активност на неколку тектонски плочи.