More

    Иако се зборува за враќање на евтината дневна струја, не се знае дали таа ќе биде воведена

    spot_img

    Иако се зборува за враќање на евтината дневна струја, не се знае дали таа ќе биде воведена. Регулаторната комисија ги прави пресметките, а одлуката ќе биде донесена до крајниот рок кога ќе треба да се утврди новата цена на струјата која ќе важи од 1 јули до крајот на годинава. Граѓаните се поделени околу оваа погодност бидејќи не се задоволни од времето во кое ќе треба да ја користат струјата по пониска цена, а експерти оценуваат дека полза од неа нема да има за граѓаните.

    Најавите дека ќе се врати евтината дневна струја во траење од 2 часа доаѓа истовремено со најавата дека треба да се врати и стапката на ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто што во старт ќе значи повисоки сметки за струја на граѓаните. Ниту Регулаторната комисија за енергетика која треба да одличи дали ќе се врати евтината дневна струја, ниту владините претставници кои веќе еден месец ја најавуваат, не се сигурни дека такво нешто и ќе се случи.

    Денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи говорејќи за враќањето на стапката на ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто спомена дека е можно да се врати евтината дневна тарифа за струјата, но додаде дека одлуката е на Регулаторната комисија за енергетика.

    – Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од први јули. Цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика преку соодветни параметри – изјави Битиќи.

    Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека во тек се пресметките кои треба да покажат колку е оправдано враќањето на евтината дневна струја.

    – За евтината тарифа се прават анализи и во зависност од резултатите ќе се знае кога, како и под кои услови и во кој опсег би се вовела оваа тарифа – изјавија за Плусинфо од РКЕ.

    Претходно, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски изјави:

    – Постојат сериозни шанси да се воведе пониска одредена цена во текот на денот. Таа цена ќе видиме на кој начин ќе биде определена. Ќе има период сигурно кога ќе има пониска цена на струја, да речеме од онаа во првиот блок, значително пониска – рече Бислимовски.

    Според него, доколку се воведе евтина дневна тарифа тоа ќе значи годишно намалување од 5 отсто на просечната цена за домаќинствата.

    Граѓаните различно ја доживуваат најавената мерка.
    – Добро е што се враќа евтината дневна струја. Барем во овој период ќе направам ручек поевтино. Може и да исперам алишта, иако тоа не го правам секој ден. Сепак, некоја корист да имаме и ние граѓаните – вели пензионерка.

    Друг граѓанин негодува бидејќи истовремено со најавата за евтина струја ќе има и зголемено ДДВ.

    – Кого сакаат да лажат. ДДВ 18 отсто на цела сметка за струја, нова цена на струјата, најверојатно повисока од сегашната, а колку добиваме од тие 2 часа евтина струја кога во тој период не сме дома, ништо. Тоа е ветер во магла. Зошто немаме евтина дневна струја по 17 часот кога сме дома, па барем ручекот да го загрееме или да вклучиме бојлер и да намалиме дел од трошоците. Но, нема не било исплатливо, компаниите работеле тогаш – вели Илија О. од Скопје.

    И за експертите ова е уште една популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат никаква полза, зашто колку и да биде намалена цената на оваа струја ефектот е ист – сметките ќе бидат повисоки за 8 отсто односно за толку колку што ќе се зголеми стапката на ДДВ без притоа да се утврди нова цена на струјата од 1 јули.

    – Ако се земе предвид дека енергетски најнеискористена е онаа струја произведена од 13 до 15 часот, тогаш е јасно дека и цената на оваа струја во тој период паѓа. Во летниот период со зголеменото производство на струја од сончева енергија, цената на оваа струја може да падне и на нула, а тоа значи дека граѓаните повторно би плаќале некаква цена за струјата која се нуди бесплатно. Во зима состојбата е малку поразлична и може да се каже дека некаква полза граѓаните би имале. Но, во овој период од денот ретко кој може да ја користи оваа струја, главно пензионери или невработени кои можат да направат само ручек и да потрошат 2-3 киловати. Машините за перење и другите електрични уреди секако ќе треба да ги вклучат по 22 часот кога струјата има висока цена бидејќи во тој период и наутро работат индустриските капацитети. Значи, нема ништо од пониска сметка за струја. Дополнително се враќа и стапката на ДДВ на 18 отсто, а тоа значи дека и сметката за струја ќе порасне за 8 отсто. На крај математиката е на штета на граѓанинот, а евтината дневна тарифа е само уште една манипулација – вели професорот Константин Димитров.

    Тој ги советува граѓаните самите да пресметаат колку ќе заштедат со повисокото ДДВ за 8 отсто и пониската цена на дневната тарифа за 2 часа.

    – Граѓаните сами може да видат дали имаат полза од евтината дневна струја. Нека ја поделат вкупната сума на сметката со потрошените киловати и ќе видат што е што – додава Димитров.

    Неговиот колега Ристо Цицонков, пак, смета дека граѓаните треба да се откажат од евтина дневна струја, иако смета дека некаква корист би имале дел од нив, и да побараат парите кои би ги заштедила ЕСМ да ги потроши за инвестирање во енергетски капацитети.

    – Можеби некаков позитивен елемент во евтината дневна струја за граѓаните ќе има, но мислам дека треба да се откажеме од една ваква мерка и тие пари да ги акумулира ЕСМ и да ги вложи во изградба на ХЕЦ Чебрен која се најавува со години. Овој капацитет, по подолги години би придонел за стабилно производство на електрична енергија во наредниот период со што би се намалил и увозот на струја. Моментално се инвестира во сончева енергија, но тоа не е стабилно производство на кое би требало да се потпреме во целост како држава. Државата треба да се нафати сама да ја гради ова хидроелектрана и да не чека со тоа – предлага Цицонков.

    Моментално граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела во текот на целиот ден. Дневната евтина тарифа пред да биде укината се реализирање во периодот од 14 до 16 часот. Таа беше укината од декември 2021 година, кога струјата поскапе за 9,48 отсто. Тогаш од РКЕ соопштија дека ако не се донесе одлука за укинување на дневната евтина тарифа, поскапувањето на струјата ќе беше 14,23 отсто. И на почетокот на годината кога се носеше одлука за цената на струјата за периодот јануари-јули беше поведено прашањето за евтината дневна тарифа, но не беше донесена таква одлука од Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи земјава се соочуваше со енергетска криза. Поволности тогаш добија дел од компаниите, здравствени и образовни установи и јавни претпријатија за снабдување со вода. Ним државата им овозможи да добијат поевтина струја.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img