Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пристигна во Москва, на разговор со рускиот претседател околу деескалација на тензиите на руско-украинската граница, но пред средбата го одби ПЦР тестот, понуден од домаќините.
Наместо руски тест, Шолц одлучи лекар од германската амбасада да направи ПЦР тест, нешто што е предуслов за влез во Кремљ на состанок со рускиот претседател, Владимир Путин, информираат извори од германската делегација.
И францускиот претседател Емануел Макрон, минатата недела, исто така, одби да се тестира со руски ПЦР тест, пред состанокот со Путин.
Затоа, разговорот на Макрон и Путин се одвиваше на маса долга шест метри, како би се запазила физичката дистанца. На прес конференцијата по средбата, двајцата стоеја оддалечени еден од друг неколку метри.
Шолц е последниот во низата западни шефови на држави и влади, кои се вклучени во силната дипломатска офанзива за спречување на војната во Украина. Мисијата е чувствителна, бидејќи Германија е рускиот најголем трговски партнер во Европа.
Предвидено е состанокот во Кремљ да трае неколку часа, што ќе заврши со заедничка прес конференција.
Посетата е во време кога германско-руските односи се на најниско ниво. Украинската криза веројатно ќе ги засени неколкуте нерешени билатерални конфликти меѓу Берлин и Москва.
Шолц за време на вчерашната посета во Киев изјави дека сака да лобира кај Путин за смирување на кризата во Украина. Акумулацијата на десетици илјади руски војници долж украинската граница, Шолц ја опиша како нешто „несфатливо“.
Тој ја предупреди Русија да не ја напаѓа Украина, па нагласи дека ЕУ и САД се подготвени да одговорат со остри економски санкции.