More

    И да е шега, изјавата за затворањето на ТЕ-ТО е невиден преседан и штетна за Македонија

    spot_img

    Експертите со неверување ја дочекаа изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека ќе се затвора когенереативната централа ТЕ-ТО, бидејќи е руска инвестиција, за да се овозможи работа на новата исто таква централа која исто така е странска инвестиција. Тие сметаат дека и на шега владин претставник не смее да даде таква изјава бидејќи е крајно несоодветна и неверојатно штетна како за македонската економија, така и за државата.

    Според нив, евентуалниот обид да се затвори овој капацитет би бил невиден преседан со економски и финансиски последици за земјата, но и порака и за другите странски инвеститори.

    Професорот Константин Димитров се прашува како може владата да размислува да затвори странска инвестиција која работи на пазарна основа и која се покажала како општествено одговорна во период на енергетска криза, кога многу економски подобри земји од ЕУ не ги почитуваат санкциите кои самите ги гласале.

    – Неверојатно е што вицепремиерот дал една ваква изјава, дури и да е шега. Когенеративната централа ТЕ-ТО е странска инвестиција која работи на пазарен принцип и нуди струја по пониска цена од берзанската во услови кога за тоа има можност. Смешно е што размислуваме и со затворање на оваа централа да спроведеме санкции кон Русија, кога во самата Европска Унија и покрај санкциите работат руски фирми, а државите увезуваат руски гас и нафта по легални и илегални канали. Дури и САД увезуваат нуклеарно гориво и други потребни метали кои им се потребни. И сите тие држави ги штитат државните интереси и економиите. Секојдневно стасуваат такви информации. Каде сме ние во тој однос? И уште поневеројатно е тоа за што се залага вицепремиерот. Ќе затвора странска инвестиција за да овозможи работа на друга странска инвестиција на компанија која секојдневно купува руски гас и која работи со Русија. А колку е штетна новата инвестиција за која се даваат неверојатни привилегии, веќе водиме дебата во јавноста – вели Димитров.

    Професорот Ристо Цицонков кој исто така е изненаден од изјавата на Битиќи смета дека од геополитички и уште повеќе од економски аспект ТЕ-ТО е поповолна странска инвестиција за државата отколку новата инвестиција со која владата планира да ја замени. Тој посетува дека во ТЕ-ТО има и македонски капитал.

    – Оваа централа користи руски природен гас кој е далеку поевтин од оној кој ќе го користи новата гасна централа кој ќе доаѓа во компримирана варијанта од САД преку Александруполи. Но, ако владата одлучила да ја затвори ТЕ-ТО покрај овој податок и по секоја цена, нека му понуди на странскиот инвеститор да ја купи, односно нека понуди соодветна цена за оваа инвестиција и нека ја направи државен енергетски капацитет. За да ја плати може да земе и кредит, а може тоа да го направи и на повеќе рати. Да потсетам дека оваа когенеративна централа е проект на македонска компанија – Топлификација и се градеше заедно со руски инвеститор. Топлификација имаше, 20% удел, а сега тој удел е 10, 9%. Подоцна преку политички игри беше направен фиктивен стечај за Топлификација, но централата успешно работи. Мислам дека и сега се во игра политички игри за да се фаворизира новиот инвеститор за сметка на постоечкиот кој е и со македонски капитал. Дополнително, искуството на кадарот кој работеше на оваа инвестиција, може да се користи за изградба на такви централи во државна сопственост – вели Цицонков.
    Тој прашува и зошто вакви изјави се даваат пред донесување штетни договори пред избори во кои актерите не се сигурни дали ќе ги добијат.

    – Со оваа изјава само се замајува јавноста за да не ја согледа штетноста на договорите кои треба да се протуркаат во Собранието на прагот на изборите. Сѐ тука е јасно бидејќи станува збор за заткулисни игри со кои се прикриваат поединечни интереси. Последниве години семејствата на голем број политичари отворија фирми за трговија со електрична енергија. Ним не им одговара домашно производство на електрична енергија (од ЕСМ), туку од странски произведувачи и трговци. Кај мене има сомневања и за други работи. За проектот за гасна централа од „Митилинеос“ од Грција се гледа од авион дека не е поволен за државата – вели Цицонков.

    Професорот Трајко Славески во пост на Фејсбук ги повика државните функционери да се вратат на главните позиции – заштита на интересите на државата и на граѓаните, наместо да измислуваат непотребни санкции кон Русија само за да се додворат на други интереси.

    „Зошто не ѝ кажете на македонската јавност дека според Euractiv во Унгарија работат околу 700 руски компании, од кои стотина биле основани по започнувањето на руско-украинската војна? Исто така, во Германија при крајот на 2022 година, работеле 1.713 компании во руска сопственост. Задача на државните функционери е првенствено да се грижат за заштита на интересите на сопствената држава (доколку како таква ја чувствуваат), а не да спроведуваат туѓи агенди на штета на виталните интереси на нашите граѓани?“, пишува Славески.

    Когенративната централа ТЕ-ТО, која планира да ја затвори, барем со изјава, вицепремиерот Битиќи, лани оствари добивка од близу 11 милиони евра, а за тоа се заслужни 60 вработени во неа.

    Централата има годишен капацитет од 220 MW за производство на електрична енергија и 160 MW за производство на топлинска енергија.

    ТЕ-ТО е акционерско друштво кое е основано во 2005 година од странски и од домашни инвеститори.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img