Хелсиншкиот комитет за човекови права достави иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.
– Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото законско решение претставува повреда на Уставот на Република Северна Македонија и овозможува целосно заобиколување на процедурите за носење закони. Издигнувањето на одлуките на извршната власт на ниво на закон значи мешање на извршната во улогата на законодавната власт. Со користење на поимот национален стратешки интерес (без негово подетално дефинирање), како основ за утврдување на паралелни правила кои ќе важат само во одредени случаи, се овозможува постоење на напоредни законски решенија за работните односи, чија примена ќе зависи од проценката на одредени структури што не се јасно утврдени. Резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите – се појаснува во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет.
Законските измени, се додава во соопштението, претставуваат експлоататорски решенија што ги уназадуваат работните односи во државата и ја оддалечуваат од тенденциите на Европската Унија и меѓународните конвенции. Со предложените измени, се вели, драстично се ограничува и оневозможува остварувањето на работничките права.
– Станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во стратешки проекти, но имајќи го предвид актуелниот повод за измените во законот, се работи за градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори. Воедно се работи за извршување работи и работни задачи каде што има највисок степен на ризик по безбедноста и здравјето при работа поради изложување на штетни материи и изложување на опасни активности за кои се потребни посебна психофизичка подготвеност и луцидност во извршувањето. Тоа е класична експлоатација на работната сила, која излегува од рамките на хуманизмот и хуманиот третман на човекот и граѓанинот што подразбира вреднување на човечкото суштество и човековата состојба – појаснуваат меѓу другото од Хелсиншкиот комитет.