Кандидатот за претседател на САД од Демократската партија, Камала Харис, планира да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон следната недела, објави Блумберг во средата, цитирајќи лице запознаено со ова прашање.
Блумберг пишува дека демократската кандидатка и актуелен потпретседател се обидува да го прошири својот надворешнополитички профил и дека силно ја поддржува непоколебливата поддршка на претседателот Џо Бајден за Украина во нејзината одбрана од руската инвазија, која започна во февруари 2022 година.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави претходно во средата дека „најверојатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Зеленски, кој следната недела ќе биде во САД за да разговара за војната со Русија на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
Зеленски во август рече дека сака да им го претстави мировниот план на Бајден, Харис и Трамп.
Тој во средата рече дека неговиот „план за победа“, кој има за цел да донесе мир во Украина, да ја одржи земјата силна и да избегне „замрзнување на конфликтот“, сега е финализиран по долги консултации.
Трамп: Најверојатно ќе се сретнам со Зеленски
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, исто така, во средата рече дека „најверојатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој следната недела ќе биде во САД за да разговара за војната со Русија на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
„Веројатно, да“, рече Трамп на прашањето на новинарите дали ќе се сретне со украинскиот лидер. Трамп не даде дополнителни информации.
Во последните месеци, некои други светски лидери, кои ги посетија САД на самити и состаноци со американскиот претседател Џо Бајден, завршија на средбата со Трамп.