Банди на Хаити извршија големи вооружени напади во текот на ноќта врз неколку владини згради, вклучувајќи ја и претседателската палата во Порт-о-Пренс, соопштија безбедносни извори.
Главниот град на Хаити со денови е зафатен од бран на добро координирани групни напади врз органите на редот и државните институции, чија цел е да се собори владата на премиерот Ариел Анри.
Еден извор изјави за ABC News дека вечерашниот напад бил координиран и брз, при што различни групи истовремено напаѓале повеќе владини згради, вклучително и претседателската палата, Министерството за внатрешни работи и седиштето на полицијата за западниот округ на Хаити, кој го вклучува Порт-о-Пренс.
Како што се додава, се слушнале и експлозии, а стотици луѓе избегале од областа за време на конфликтот меѓу бандите и полицијата.
„Сè уште се обидуваме да ја ставиме ситуацијата под контрола“, изјави еден од безбедносните извори за Си-Ен-Ен.
Минатата недела на Хаити беше прогласена вонредна состојба поради ескалацијата на насилството, вооружени банди упаднаа во затворот и ги ослободија затворениците, а 10.000 луѓе беа раселени, пренесува Танјуг.