Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, и покрај победата на неговиот тим (4:2) над Тотенхем во последниот натпревар од седмото коло на Премиер лигата, не го криеше незадоволството.
„Граѓаните“ губеа со 2:0 од Спарс во првото полувреме, но потоа успеаја да се вратат во игра и да постигнат четири гола.
„Ни недостасува храброст, страст, желба за победа од првата минута. Истото би можел да го кажам и за нашите навивачи, не само за играчите. Сакам моите фанови да се вратат. Во моментов сме далеку од тоа да се натпреваруваме на највисоко ниво“, изјави Гвардиола.
Каталонскиот стручњак ја коментираше борбата за титулата во Премиер лигата, во која неговиот тим моментално е на второто место, зад лидерот Арсенал, кој има пет бода повеќе, но и натпревар помалку во однос на Сити.
„За титулата се бориме со Арсенал, чии играчи играат со многу страст. Дополнително, Арсенал веќе 20 години ја нема освоено титулата, што им ја зголемува желбата и борбата. Објаснувам како навистина изгледаат работите, додека моите играчи се однесуваат како да се во удобна ситуација. Со таков став и игра не можеме да стигнеме до Арсенал“, изјави видно незадоволниот Гвардиола.