Внимателно со растот на платите, можат да ја подгреат инфлацијата.
Ова е пораката што гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, му ја упати на министерот за финансии Фатмир Бесими, на годишниот форум на Виенската иницијатива, што е прв пат да се одржува настан во земја која не е членка на Унијата.
Присутни се гувернери на централни банки, вицегувернери, претставници на меѓународни финансиски институции и банки од 14 земји од Европа.
Во време на криза, кога Народната банка постојано го затега ременот за да ја заузда инфлацијата, зголемувањето на платите ќе предизвика спротивен ефект. Ќе се зголеми личната потрошувачка кај домаќинствата, што ќе предизвика пораст на трошоците за живот. Платите треба да растат ако се зголеми продуктивноста кај вработените, а кај нас таа опаѓа“, предупредува гувернерката.
Иако централната банка за една година 10 пати ја зголеми референтната камата, Владата продолжи со експанзивна политика и помош за сите граѓани, наместо кон оние на кои им е најпотребна. Сега проблем за државата е како да се намали дефицитот и јавниот долг, кога задолжувањето станува се поскапо.
Затегањето на монетарната политика е клучно во забавување на инфлацијата, согласни се гувернерите од регионот. Иако почна да се намалува, се уште е рано да се прогласи победа. Каматите и натаму ќе растат, а кредитирањето ќе забавува, извести Сител.