Владата не им даде можност на домашни фирми или конзорциум да ги реализира автопатите од коридорите 8 и 10д, процесот го водеше нетранспарентно, а прави измени на 8 закони само поради овој конзорциум, му забележаа бизнисмените на првиот заменик на премиерот Артан Груби за време на денешната дискусија во Стопанската комора на тема „Бехтел и Енка – можности, предизвици и одговорности“.
– Нас не нѐ интересираат стиропори и фрлени пари за ништо. Ние разговараме за парите кои ќе се трошат и кои бенефити ќе ги имаме ние бизнисмените од него. Кога конкурираме на европски или светски пазар ни бараат гаранција и референци, ние тоа го обезбедуваме. Вие и целата влада не ни дадовте можност да се докажеме и во земјава и затоа ми е криво. Не ни дадовте можност ниту да дадеме мислење за утврдување критериуми, ниту овозможивте 1,3 милијарди евра да ги работи некој домашен конзорциум, а можевме да го направиме тоа, ако бевте доволно транспарентни. Но сега е веќе доцна. Сега можам да ви честитам на пиарот и сѐ што е поврзано со презентација на проектот, но не и за тоа дека оваа количина пари нема да ја работат домашни компании – забележа бизнисменка од ИТ секторот.
Груби не прокоментира дека не им верува на домашните фирми, туку рече дека целиот процес за градење на автопатите бил транспарентен и дека ќе инсистира проектот да биде завршен во предвидениот рок затоа што тоа е негов животен проект.
– Законот е усвоен пред 2 години. Процесот е јавен повеќе од 2 години и кој бил заинтересиран можел да се јави. Во овие две години разговаравме со сите и со бизнис секторот, но ако некој не слушнал, не видел или не сакал, ние не сме криви. Разговараме за 70% ангажман на наши ресурси. Јас зборувам за резултати сега, а не по десетици години колку што трае изградбата на патот Кичево-Охрид. Сакам да возам по овој автопат додека имам дозвола да возам, а не по 70 години – рече Груби.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески рече дека не треба да се заборави дека зборувајќи за неправилностите, бизнисмените сакаат да ги заштитат домашните компании.
– Ние не сакаме да го рушиме „Бехтел“ кој има над 160 години традиција, ниту за нашиот пријател „Енка“, туку сакаме да го видиме интересот на компаниите овде и да ги заштитиме – рече Азески.
Пред тоа министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека овие компании и домашните кои ќе бидат ангажирани на проектот ќе бидат ослободени од даноци и давачки кои се однесуваат за промет, но не и од персонален данок и ДДВ.
– Ова не е ексклузива само за овој проект, туку е практика и за сите други проекти – рече Бесими.
Бесими рече дека бенефитот за компаниите е во тоа што ќе бидат ангажирани во работењето, а ќе бидат отворени 8.000 работни места. Државниот бенефите е 2% од БДП.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски појасни за што се прават измените во Законот за градба.
– Овие измени само треба да овозможат брза реализација на овој и на идни проекти кои се од инфраструктурата – рече Бочварски.