На судиите од Уставниот суд после пет години од иницијативите им текна да го стават Законот за јазици на дневен ред, токму кога СДСМ и ДУИ се во опозиција, рече министерот за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, говорејќи за протестите на ДУИ и нивните драми околу Уставниот суд.
– Ова е една провидна политичка игра, ние кои што сме поискусни во политиката, јасно ја читаме играта. Овде ДУИ сакаше да прави кадија те тужи, кадија те суди. Од една страна да создаваат проблем, од друга страна да го решаваат проблемот. На тој начин да пробуваат да изигруваат спасители на Албанците од една страна, а од друга страна некаквиси гарантори на стабилноста во државата – истакна Николоски на Канал 5.
Николоски појасни дека на ДУИ им одговара прашањето со Уставниот суд да трае 4 години и така би биле најсреќни, бидејќи зелената агенда им пропадна, а не се баш по работењето, туку по полнење на сопствениот џеб.
– Зелената агенда им пропадна, нели истрчаа еднаш низ планина во зелени маици со Мерко напред. По проекти нешто не се многу, еве ги гледам јас во мојот ресор како работеле проекти, односно не работеле. Единствено ги интересирало да си наплатат. И единствената точка која што им останува за која што можат да зборуваат се етнички тензии, кои, според нивната филозофија, тие би ги создавале и тие би ги решавале – рече министерот Николоски.
Тој додаде дека ДУИ освен за крадење, за друго и не се интересирале.
– Тоа што поткраднуваа, а паралелно, нели, беа фактор на стабилност, треба да им се прости за Македонија да е стабилна. И така се продаваа и во домашната и во меѓународната јавност. Но, тој филм заврши со изборите 2024 година. ДУИ се во опозиција, што беше наше клучно ветување – рече Николоски.