Грција стана сила на регионалната стабилност и безбедност во поширокиот регион и дава поддршка на европскиот пат на балканските држави, во согласност со рамката на ЕУ, принципот на исполнување на предусловите и со почитување на меѓународните обврски, истакна грчката претседателка Катерина Сакеларопулу во нејзиниот говор на почетокот на дводневната конференција „Грција 1974-2024, 50 години надворешна политика“.
Говорејќи за грчката надворешна политика, Сакеларопулу нагласи дека „најголемото и највлијателно достигнување беше членството Европската Унија, а потоа и во еврозоната“.
– Всушност, тоа, како ниеден друг настан, го дефинираше и го промени секојдневниот живот на Грците, решително придонесе за подобрување на животниот стандард и консолидација на меѓусебната поврзаност на европскиот и грчкиот идентитет. Постоеше промена на парадигмата во нашата модерна историја, бидејќи го консолидираше нашиот политич , општествен и вредносен хоризонт. Европа не може да се замисли без Грција и Грција е нејзин нераскинлив дел, не само историски, туку и активно, како рамноправен партнер и столб на Унијата во регионот на Балканот и Источниот Медитеран, посочи грчката претседателка.
Нагласи дека Грција секогаш се стремела кон добрососедски односи со сите земји од регионот. За Турција рече дека „и покрај повремените кризи и провокации од Турција, Грција покажа искрена посветеност на дијалогот како средство за решавање на проблемите и градење иднина на мир и просперитет за двата народа“.
– Во исто време, никогаш не ги прифативме опасните ревизионистички доктрини, закани за употреба на насилство или незаконски акти на терен. Нашиот национален суверенитет, територијален интегритет и суверени права никогаш не биле и нема да бидат ставени за преговарање – истакна Сакеларопулу.