Најголемата швајцарска банка, Јунион банка на Швајцарија (UBS), се согласи да го купи својот болен ривал, банката Кредит Свис (Credit Suisse) во итен спасувачки договор кој има за цел да ја запре паниката на финансиските пазари предизвикана од пропаѓањето на две американски банки претходниве недели, објави Си-ен-ен.
„УБС денеска го објави преземањето на Кредит Свис“, се вели во соопштението на Швајцарската народна банка. „Ова преземање беше овозможено со поддршка на швајцарската федерална влада, швајцарската управа за надзор на финансискиот пазар и Швајцарската народна банка“, додаде централната банка.
Во соопштението се вели е вели дека спасувањето „ќе ја обезбеди финансиската стабилност и ќе ја заштити швајцарската економија“.
УБС плаќа 3 милијарди швајцарски франци (3,25 милијарди долари) за Кредит Свис, што е околу 60 отсто помалку отколку што вредеше банката кога пазарите беа затворени во петокот. Акционерите на Кредит Свис во голема мера ќе бидат избришани, добивајќи само 1 акција на УБС за секои 22,5 акции на Кредит Свис што ги поседуваат. Освен тоа, договорот нема да има потреба од одобрение од акционерите откако швајцарската влада се согласи да го промени законот за да може да го забрза процесот.
Кредит Свис со години ја губеше довербата на инвеститорите и клиентите. Во 2022 година ја забележа најголемата загуба од глобалната финансиска криза. Но, довербата пропадна минатата недела, откако ја призна „материјалната слабост“ во книговодството и кога пропаѓањето на Банката на силиконската долина (Silicon Valley Bank) и на Сигничр банката (Signature Bank) внесоа страв за послабите банки, во време кога зголемените каматни стапки ја поткопаа вредноста на некои финансиски продукти.
Акциите на банката основана пред 167 години паднаа за 25 отсто во текот на неделата, парите се одлеаа од инвестициските фондови со кои управува и во еден момент сопствениците на сметки повлекуваа депозити од повеќе од 10 милијарди долари дневно, објави Фајненшл тајмс. Итниот заем од швајцарската Народна банка не успеа да го запре „крварењето“.
Очајни да спречат домино ефект на колапсот низ глобалниот финансиски систем, во понеделникот швајцарските власти силно се заложија за спасување на приватниот сектор, со ограничена државна поддршка, додека, наводно, размислувале и за план Б – целосна или делумна национализација на некои банки.
Итното преземање на Кредит Свис беше договорено по неколкудневни грозничави преговори во кои беа вклучени финансиските регулатори на Швајцарија, САД и на Обединетото Кралство. УБС и Кредит свис се рангирани меѓу 30-те најважни банки во глобалниот финансиски систем, а заедно имаат речиси 1,7 трилиони долари во имот.
– Со оглед на неодамнешните вонредни и невидени околности, најавеното спојување го претставува најдобриот расположлив исход – рече во изјавата претседателот на Кредит Свис, Аксел Леман.
– Ова беше исклучително тежок период за Кредит свис и додека тимот работеше неуморно на решавање на многу значајни проблеми со извршувањеto на својата нова стратегија, ние сме принудени да постигнеме решение денес, што обезбедува траен исход – рече Леман.
Главните седишта на УБС и Кредит Свис се оддалечени само 300 метри во Цирих, но банките многу се разликуваат по своите деловни резултати. Акциите на УБС се искачија за 15 проценти во изминатите две години и забележа добивка од 7,6 милијарди долари во 2022 година. Во петокот имаа вредност на берзата од околу 65 милијарди долари. Акциите на Кредит Свис, пак, загубија 84 проценти од вредноста во истиот период, а минатата година забележа загуба од 7,9 милијарди долари. На крајот на минатата недела банката вредеше само 8 милијарди долари.
Банката имаше повеќе од 50.000 вработени на крајот на 2022 година, од кои 17.000 во Швајцарија.
Швајцарската народна банка соопшти дека ќе обезбеди заем од 100 милијарди швајцарски франци (108 милијарди долари) на УБС и Кредит Свис за да им ја зголеми ликвидноста.