Германскиот канцелар Олаф Шолц во средата повика на мирно решение на конфликтот меѓу Србија и Косово.
„За мене е многу важно ситуацијата да не ескалира дополнително кога се во прашање Србија и Косово. Ние сме многу посветени на мирно решение. Германија, Франција и Италија се особено активни на овој план“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Николај Денков.
Тој додаде дека за ова прашање ќе се разговара во четврток и петок кога лидерите од 47 европски земји ќе се сретнат во Гранада, Шпанија.
Шолц зборуваше и за конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија, поздравувајќи ги напорите за посредување предводени од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Тој ја истакна итната потреба за продолжување на мировниот процес во услови на, како што рече, „многу тешка ситуација“.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев одби да присуствува на состанокот за Карабах во Гранада, Шпанија, на кој се очекуваше да присуствуваат и ерменскиот премиер Никол Пашинјан и лидерите на Европската унија, Франција и Германија.
Азербејџан претходно инсистираше на учество на Турција на таа средба, но Германија и Франција остро се спротивставија.
Повикувајќи се на извори од претседателскиот кабинет, азербејџанските медиуми јавуваат дека официјален Баку изјавил дека не гледа потреба од учество во преговорите од ваков формат по проерменските изјави на француските претставници, посетата на француската министерка за надворешни работи Катрин Колона на Ерменија. изјавата за испорака на оружје и муниција и обвинувањата на Мишел на сметка на Азербејџан.
„На Азербејџан не му треба таков формат. Баку не гледа потреба да разговара за проблемите на регионот со земји далеку од регионот“, наведуваат истите извори.
Секој формат во кој учествува Франција е неприфатлив за Азербејџан, се нагласува во извештаите.