Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски е главна причина за разгорување на односите меѓу Македонија и Бугарија по францускиот предлог за почеток на преговорите за членство во ЕУ, посочи поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
– Гледајте, тоа е по малку гледање на проблемот на парче – реагира тој на забелешката од Радио Фокус за „малтретирањето“ на македонската граница на Бугарите упатени кон Скопје за чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев.
– Пред тоа во Македонија имаше еден настап од околу стотина луѓе на чело со европратеникот Ангел Џамбаски. Дојдоа во Македонија, викаа по улиците, врескаа… Ангел Џамбаски даде изјава со која најмалку пет пати ги навреди и македонскиот народ, и македонската држава. Не е в ред Бугарија да се претставува на таков начин во Македонија. Потоа повторно имаше изјава на Ангел Џамбаски, дека ќе дошол во Македонија со 1000-2000 луѓе, а на македонска страна се собрале и 1000-2000 луѓе и настанал овој проблем. Мора да се погледнат двете страни. И јас ќе ви кажам нешто што не е сѐ појави во бугарските медиуми – и македонската полиција беше многу критикувана поради постапките кон македонскиот народ. Околу целата црква „Св. Спас“ имаше полициски кордон и не им беше дозволен влез на околу 1.000 Македонци кои не успеаја да положат и цвеќе на гробот. Македонските медиуми и опозицијата до денес ја критикуваат македонската полиција зошто на 4 февруари не им дозволија на македонските граѓани слободно да се движат низ црквата, а не им беше дозволено и на многу македонски новинари. Јас дадов интервју во вашиот весник „Дневник“, каде што велам дека некој треба да го спречи овој Ангел Џамбаски, затоа што медиумите во Македонија го претставуваат како застапник на целата бугарска политика. 75% од проблемите што се создадени по францускиот предлог досега, мислам дека ги направи европратеникот Ангел Џамбаски. За двете страни. Провокациите се разгоруваат на двете страни и продолжуваат една по друга. Силите на екстремизмот од двете страни мора да бидат осудени од општеството – вели Георгиевски за бугарското радио Фокус.
Во интервјуто Георгиевски ги потенцираше и обвинувањата кои Ангел Џамбаски ги упати директно кон претседателот на Македонија.
– Таквата политика не може да продолжи. Не може. Во последно време имам чувство дека од бугарска страна не само што директно се навредува нацијата, туку и државата. Значи, овде има држава, и потребен е минимум почит да ѝ се покаже на оваа македонска држава. Има луѓе кои веќе не знаат што зборуваат за Македонија. Има и Бугари од македонска страна. Треба да гледаме критички на двете страни и да не ги прогласуваме екстремистите од двете страни за храбри. Тоа е важно за мене – додаде лидерот на ВМРО-НП.
Георгиевски смета дека инцидентот што се случи на границата меѓу Бугарија и Македонија е дел од провокациите со цел некои структури да го привлечат вниманието на јавноста и да ги зголемат тензиите меѓу двата народа, а тоа според него треба да биде осудено од страна на општеството во двете земји.
– Се согласувам. Сепак, погледнете, оваа фотографија која беше од граница и каде тројца-четворица бугарски државјани им викаат на македонските полицајци не беше добра. Не можеме да кажеме дека можеме да го оправдаме ова однесување. Некои луѓе во Бугарија не ја третираат Македонија како држава. Толку многумина ги зедоа правата на слободата. Ваквото викање на полицајците сигурно ќе беше казнето во Бугарија и ќе беа задржани неколку дена, а не неколку часа. Не оправдувам никого. Мојата политика не е да ги величам и поддржувам екстремните структури од која било страна. Секоја земја мора да направи нешто – рече лидерот на ВМРО-НП.
Поранешниот премиер смета дека потребна е дебата од двете страни со повеќе факти и аргументи и да не се дозволи дваесетина лица од Бугарија, а исто толку и од Македонија да го нарушуваат односот меѓу двете држави
– Значи за проблемите треба да се разговара посеопфатно. И двете страни треба да ги изнесат своите аргументи. Во Македонија зборуваат за Ангел Џамбаски, за Костадинов и двајца-тројца што ја претставуваат цела бугарска политика. Во Бугарија, пак, медиумите ги зграпчуваат зборовите на двајца-тројца, тоа што го кажуваат и само поттикнуваат омраза. Не се стимулираат нормалните луѓе кои велат да се собереме и да разговараме нешто понормално. Потребни ни се двете страни да го надминат ова размислување дека начинот на кој одиме денес е лош – рече Георгиевски.