Постојаниот претставник на Македонија во ООН во Њујорк, амбасадорот Љубомир Фрчкоски поднесе оставка. Тој за ова ги информирал претседателката Гордана Сиљановска Давкова и Министерството за надворешни работи.
Фрчкоски неодамна откако беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото најави дека ќе поднесе оставка.
Министерот Тимчо Муцунски го повика Фрчкоски на разговор, но поради здравствени причини на амбасадорот оваа средба досега не се одржа.
Во изјава за порталот Либертас Фрчкоски вели дека оваа негова оставка може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“. Овој проект требало да ја одреди методологија и начинот на составување групи во рамките на ООН за медијација при идентитетски конфликти низ светот кои можат да доведат до такви злосторства при што медијацијата треба да помогне да се избегнат трагичните исходи.
Професорот Фрчкоски очекува оставката да биде усвоена и да биде разрешен од функцијата со указ на претседателката, како што и бил назначен.