Француските фармери денеска ќе го блокираат пристапот до големите градови, а за Париз изјавија дека планираат „опсада“, пренесоа локалните медиуми.
Денеска властите ќе распоредат околу 15.000 полицајци, додека министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин побара од полицијата и жандармеријата да покажат умереност и да интервенираат само како последно средство, доколку е загрозен интегритетот на луѓето или во случај на сериозни оштетување на згради.
Возила на жандармеријата синоќа веќе беа забележани на некои локации, особено околу меѓународниот аеродром Роаси Шарл де Гол, во близина на Париз.
Водечкиот синдикат на земјоделци FNSEA објави дека земјоделците со трактори немаат намера да влезат во Париз, туку да блокираат неколку стратешки патишта, објави весникот Фигаро на својата веб-страница.
Земјоделците порачаа дека не знаат до кога ќе трае блокадата и дека тоа ќе зависи од одлуките на новиот премиер Габриел Атал.
Блокади се најавени и низ други градови, како Лион, Бордо и Марсеј, каде ќе се организираат таканаречени „операции на полжави“, односно бавно возење до местото на блокадата.
Покрај земјоделците во Бордо, протест ќе има и таксистите, кои најавија и блокирање на некои патишта, пренесоа француските медиуми кои на своите веб-страници пренесуваат мапи со локациите кои ќе бидат блокирани.
Земјоделците незадоволни од најавените мерки на Владата.
Во петокот, Атал откри итни мерки, вклучително и укинување на зголемувањето на данокот на дизел гориво (GNR), големи компензации за фармерите чии добиток бил заразен со хеморагична болест и тешки санкции против тројца производители на земјоделска храна кои не ги почитувале француските закони за цените.
Земјоделците особено го осудуваат падот на приходите, ниските пензии, инфлацијата и странската конкуренција.
Незадоволството на француските земјоделци доаѓа додека нивните колеги во Германија се мобилизираат од крајот на декември против реформата на оданочувањето на дизелот во земјоделството што ја донесе владата на канцеларот Олаф Шолц.