Франција не е единствената и прва држава во светот која го вклучила правото на абортус во својот Устав како што објавија некои медиуми. Понеделникот на 4 март 2024 година, пратениците, од двата дома на францускиот Парламент, гласаа за измена на францускиот Устав, со цел, уставно гарантирање на правото на абортус.
Но, тоа право е уставно загарантирано во Социјалистичка Федеративна Југославија (СФРЈ) и во Социјалистичка Република Македонија (СРМ) уште од 1974 година, а пренесено е и во актуелниот Устав на Република Македонија во 1991 година.
Во Член 191 од Уставот на СФРЈ, усвоен во 1974 година, стои дека „човекот има право слободно да одлучува за раѓањето деца“ и дека „ова право може да се ограничи само заради заштита на здравјето“.
Истото е наведено во Член 242 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, кој бил целосно услогласен со федеративниот устав.
Правото на абортус така било загарантирано со Устав во Југославија една година пред истото право да се дозволи со закон во Франција, имено со Законот на Веј во 1975 година.
Актуелниот Устав на независна Република Македонија од 1991 во Член 41 вели:
„Право на човекот е слободно да одлучува за создавање деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика“.