Со прикажување на кратки филмови, изложба, мјузикл и сè друго што сработија учесниците на фестивалот, вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје ќе биде спуштена завесата на 12. „Џифони Македонија“. На последниот ден учесниците ќе гледаат по уште еден игран филм, а на крај ќе гласаат и за најдобрите играни, кратки, анимирани и ученички филмови во секоја од трите категории. Вечерва исто така ќе бидат соопштени и имињата на најактивните ученици што ќе добијат награда да учествуваат на „Џифони Италија“.
Гостин на фестивалот вчера беше и режисерот Вардан Тозија, кој го промовираше неговиот филм „М“, што беше дел од фестивалската програма.
Ова издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ беше богато со гости, интересни разговори, а тие беа обединети под името Edu Cuts Talks конференција. Edu Cuts мрежата што ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Голем интерес кај младите вчера предизвика презентацијата на CinEd – европската програма за филмско образование создадена во 2015 година, со сеопфатен дигитален и мултијазичен пристап што олеснува пристап до европските филмови и го проширува образованието за филм. Ивана Шешлек и Миа Марос Живковиќ од асоцијацијата Shadow Casters од Загреб, која е членка на оваа организација ја презентираа дигитална платформа на оваа програма и образовните можности кои ги нуди. Беа прикажани два експериментални филмови снимени во рамките на нивни филмски училишта. Нивната презентација ги предизвика на богата дискусија младите кои особено се заинтересираа за оваа програма.
– Ја користиме оваа платформа за да го доближиме филмот до младите преку училиштата. Филмското училиште Restart дава одлични резултати. Филмовите објавувани на платформата одат на 13 јазици и на тој начин некој од кој било европски јазик може да ги разбере и филмовите од Балканот – рече Шешлек.
– Ако имате добра тема, ќе успеете. Мора да работите на вашата идеја и да не се откажувате. Тоа е убавината на ваквите школи. Некогаш и не мора да имате завршено факултет за да снимате филмови. Аматер не значи дека е нешто лошо, туку дека е нешто што го правите од љубов – рече Миа Марос Живковиќ.
За младите беше интересна и презентацијата на групата „Аспирин продукција“, составена од млади, главно средношколци кои ги снимаат своите први филмови.
Edu Cuts конференцијата предизвика големо внимание кај младите. Интересни прашања и интерес за разните можности за снимање, програми и платформи покажаа младите џифонци. Во изминатите денови, тие се сретнаа со режисери, автори, претставници на други филмски фестивали, стигнаа до бројни информации.
Edu Cuts конференцијата викендов им донесе на џифонците интересни гости. Една од нив беше младата режисерка Грета Торнтон од Ирска, која втор пат доаѓа во Скопје на фестивалот. Пред три години таа промовираше свој краток филм, а годинава доаѓа со нов филм „Слатко горчливо“, за кој публиката гласно ја награди. Грета годинава дојде и како волонтерка на фестивалот. На прашањето на модераторот и режисер Мартин Чичовски, што се променило кај неа, во изминатите три години како режисер, таа вели дека научила многу од првиот филм, а во меѓувреме, се запишала и на Филмска академија.
Како дел од Edu Cuts конференцијата, беа претставени тројца млади автори кои се дел од програмата „Докуникулци“ на Фестивалот на креативен филм „Македокс“. Александра Петровска („Хелоу Алекс“), Калин Маџовски („Уживајте во кањонот“ и Марко Иван Кочишки („Винил вртлог“) зборуваа за своите искуства истакнувајќи дека најинтересен дел е работењето заедно, односно секој член на докуникулци се вклучува во сечиј проект.
– Аплицирајте, ова е нешто како летна школа што трае цела година. И многу е важно дека создавањето филм е подолг процес. Ќе тргнете од една идеја, а ќе стигнете до нешто друго можеби – велат младите режисери.
Исто така, вчера беа прикажани и три филма на млади што учествувале на Teen Doc програмата на фестивалот „Интеракција“ во Ужице, Србија. Можноста да се учи и да ги создадат своите први дела за нив била бесцената. Било голем предизвик да се соработува со врсници со кои тогаш се запознале, па да се надминат некои гледишта и чие решение да се одбере, вели Срна Георгиевска.
Младите во публиката се заинтересираа за овие работилници и сакаа да дознаат што повеќе информации. Инстаграм-страницата на „Џифони Македонија“ е вистинското место за да се информираат.
На конференцијата Edu Cuts Talks зборуваа директорот на „Џифони Македонија“, Дарко Башески и претставници на мрежата од неколку земји од регионот – Слаѓана Петровиќ-Варагиќ од Србија, Мирза Ќустовиќ од Босна и Херцеговина и Енес Лекиќи од Косово.
Башески рече дека фестивалот постои заради младите луѓе што сакаат филмови и сакаат да растат и да се развиваат во оваа уметност. Сите може да се вклучат во работилниците или да дојдат во „Џифони Македонија“ каде може да добијат посериозна опрема за да снимаат филм, поткаст или други содржини.