На индонезискиот остров Сулавеси продолжи евакуацијата на населението од областа околу еруптираниот вулкан Руанг поради вулканска пепел, камења и опасност од цунами.
Меѓународниот аеродром во градот Манадо, кој е на помалку од 100 километри од вулканот, останува затворен поради вулканската пепел во воздухот.
Сателитските снимки на Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика покажуваат дека пепелта се проширила на запад, северозапад, североисток и југоисток, покривајќи ги Манадо и северниот дел на Минахаса, се вели во соопштението на индонезиското Министерство за транспорт.
Евакуацијата е наредена за околу 11.000 луѓе, а засега околу 1.000 од нив се засолниле во областа. Тим од локални власти ги посетуваат селата во близина на вулканот и користат чамци за да ги евакуираат жителите во побезбедни области.
Официјалните лица се загрижени дека дел од вулканот може да се лизне во морето и да предизвика цунами, како што се случи во 1871 година. Центарот за вулканологија и ублажување на геолошки катастрофи издаде највисоко ниво на тревога откако планината Руанг еруптираше најмалку пет пати во средата.
Предупредување за евакуација беше издадено и на блискиот остров Тагуландан.