Европа се соочува со најсериозната закана по нејзината безбедност од завршувањето на Студената војна, предупреди денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
– Според мене, ние го доживуваме најопасниот момент за безбедноста во Европа од крајот на Студената војна, рече Борел на заедничката прес-конференција во Вашингтон со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Запрашан за предупредувањата на САД за претстојната руска инвазија на Украина, Блинкен го негираше паничниот став на Вашингтон, велејќи: „Ова не е паника. Ова се само факти“.
Еден од адутите кој го има Русија во ракавот е гасот кој го испорачува во Европа. Според Жосеп Борел, ЕУ треба недвосмислено енергетски да ги поддржи Украина, но и Западниот Балкан, кои се „соседи на Европа“.
– Мислам дека треба да испратиме силна порака за одлучност да се подобри енергетската сигурност за Европа и за нашите директни соседи Украина и Западен Балкан – изјави тој.
Додаде дека ЕУ се наоѓа среде голема дипломатска криза со Русија, „која не се двоуми енергијата што ја снабдува во Европа да ја употреби како оружје за геополитичка добивка, кога цените на енергенсите пораснаа низ целиот свет“.
– Им кажавме на нашите најголеми снабдувачи на енергенси да се подготват и да обезбедат сигурно снабдувањето со енергија, достапно и гарантирано не само за ЕУ, туку и за нашите соседи Украина, Молдавија, и Западен Балкан – додаде тој.
Борел истакна и дека ситуацијата налага Европа и светот да пристапат кон диверзификација на снабдувањето со енергенси. Една таква можност би била Европа зимава да се снабдува со гас преку САД во случај на конфликт во Украина и евентуалното повлекувње на рускиот гас.
За ова зборуваше соговорникот на Борел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Тој наведе дека САД го поддржуваат проектот што ќе овозможи Украина да прима природен гас од Европа и да ја поврзе својата електродистрибутивна мрежа со онаа на ЕУ. За тој проект САД во изминатите години помогнале со 138 милиони долари.
Тој додаде дека САД поддржувале и проекти за соработка во енергетиката на Западен Балкан.
– САД со години ги поддржуваат напорите за конекција на електродистрибутивните мрежи на Западен Балкан со тие на ЕУ, за да се забрза транзицијата од јаглен и фосилни горива – изјави Блинкен.
Последните такви иницијативи се преку Акцискиот план за зелена агенда при што се поврзаа електромрежита на Албанија со таа на Косово, воспоставен е заеднички енергетски пазар, зголемена е употребата на обновливи извори на енергија, и земјите избираат диферзифициран начин за снабдување.