More

    Еден погрешен потег на Вартоломеј е доволен за сеправославен раскол

    spot_img

    Вселенскиот патријарх Вартоломеј нема право еднострано да ѝ додели автокефалија на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), бидејќи со Томос издаден од Цариград во 1922 година, територијата на Македонија се наоѓа во сеправославно призната канонска јурисдикција на Пеќката патријаршија.

    Ваков е ставот на црковните аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, откако митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар од МПЦ-ОА, неодамна, ја одби подадената рака од српскиот патријарх Порфириј и уште еднаш повтори дека прашањето за автокефалност на МПЦ-ОА е во надлежност на Цариградската патријаршија.

    Сепак, познавачите на црковната политика предупредуваат дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе си стави трн во здрава нога доколку го поништи Томосот на Српската православна црква (СПЦ), кој е прифатен и од Соборот на Крит од 2016 година, на што самиот нема право.

    Од друга страна, пак, доколку вселенскиот патријарх сепак свесно се одлучи да ги прекрши правилата, додаваат нашите соговорници, тој би можел да го искористи украинскиот рецепт, односно своето алиби да го приложи во форма: „Поради немањето волја и подготвеност од страна на Руската православна црква (РПЦ) за изнаоѓање решение во однос на шизмата во Украина, Вселенската патријаршија има пасторска и историска должност да го врати верниот украински народ во соборноста на Црквата“, или во нашиот случај: „Поради немањето волја и подготвеност од страна на СПЦ за изнаоѓање решение во однос на шизмата во Македонија, Вселенската патријаршија има пасторска и историска должност да го врати верниот македонски народ во соборноста на Црквата“.

    Трн во здрава нога

    Црковниот аналитичар Георги Тасев објаснува дека начинот на доделување автокефалија низ вековите бил различен, а потсетува дека на меѓуправославните преговори во Шамбези за подготовка на Соборот во Крит во 2016 година, едногласно било одлучено дека Томос за автокефалија потпишуваат сите патријарси.

    Но, вселенскиот патријарх Вартоломеј, додава Тасев, прв ја прекрши таа одлука со едностраното потпишување на автокефалија на т.н. украинска црква на Епифаниј Думенко.

    – Ерусалимската, Александриската и Антиохиската црква не добиле Томос од Вселенската патријаршија, туку биле основани од апостолите. Автентичен е начинот на кој Кипарската црква ја има добиено автокефалијата, а тоа е на Вселенски собор во 431 година. Грузијската, пак, на помесен Антиохијски собор во 1057 година. Подоцна, поради турското ропство или поради комунизмот, автокефалија доделувал Цариград, но, секогаш и без исклучок со сеправославна согласност. Токму во овој дух, на меѓуправославните преговори во Шамбези за подготовка на соборот во Крит во 2016 година, едногласно беше одлучено дека Томос за автокефалија го потпишуваат сите патријарси, само не беше договорен начинот на потпишување. Патријархот Вартоломеј прв ја прекрши таа одлука со едностраното потпишување на автокефалија на т.н. украинска црква на Епифаниј Думенко. Затоа, од вкупно четиринаесет цркви, таа негова одлука денес не ја признаваат цели десет помесни цркви, ја признаваат само две, а една е пред раскол токму поради тоа прашање. Оттука, јасно е дека угледот на цариградскиот патријарх никогаш не бил на пониско ниво – објаснува Тасев.

    Тој вели дека цариградскиот патријарх нема право еднострано да ѝ додели автокефалија на МПЦ-ОА, бидејќи, со Tомос издаден од Цариград во 1922 година, територијата на Македонија се наоѓа во сеправославно призната канонска јурисдикција на Пеќкката патријаршија.

    – Ако вселенскиот патријарх Вартоломеј го поништи Томосот на СПЦ, кој е прифатен и од Соборот во Крит од 2016 година, на што самиот нема право, ќе си стави трн во здрава нога. Другите цркви таквата одлука нема да ја прифатат, бидејќи прифаќањето ќе значи дека утре ќе може да ги поништува и нивните Tомоси на еден, би рекол, папистички начин. Оттука, не може да се очекува поништување на Томосот на СПЦ, бидејќи тогаш СПЦ ќе го прекине единството со него, а тоа е веќе премногу, макар и за еден цариградски патријарх. Згора на сѐ, и другите цркви никогаш нема да ја признаат таквата еднострана автокефалија, бидејќи неспорен факт е дека големото мнозинство од нив не ја признаваат дури ни т.н. украинска автокефалија, а не, пак, автокефалијата на МПЦ-ОА. Оваа стварност не им се допаѓа на домашните навивачки аналитичари и затоа овие податоци ретко кога ќе ги слушнете во нашата земја. Видовме дека дури и во самата МПЦ-ОА има навивачки владици како г. Петар, но и други кои мислат потрезвено како г. Тимотеј. Да заклучам, конструктивно би било МПЦ-ОА да дојде до својот Tомос на начин кој од никого и никогаш нема да биде оспоруван и кој нема да прави нови поделби. Од суштинска важност е да дојде до автокефалија преку единствениот канонски и конструктивен начин, т.е. преку дијалог, сега веќе со автономната Православна охридска архиепископија (ПОА) и СПЦ, па сѐ до сеправославно признавање – објаснува Тасев.

    Пасторска и историска должност?

    Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, во разговор за Плусинфо вели дека неблагодарно е во овој момент да се шпекулира за тоа дали и кога Цариград ќе ѝ додели автокефалија на МПЦ-ОА, бидејќи, како што објаснува, само во изминативе неколку години вселенскиот патријарх неколкупати се предомислил во однос на македонското црковно прашање.

    Вселенскиот патријарх смета дека има пасторска и историска должност да го врати верниот народ во Украина во соборноста на Црквата. Согласно ова размислување, лесно може да се повлече паралела и кај македонското црковно прашање. Македонските верници живеат надвор од единството на црквата долги години и во изминатиов период не е направен никаков позначаен исчекор за решение на овој проблем.

    Андреја БогдановскиДокторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија

    – Разбирливо е дека македонскиот народ со нетрпение очекува автокефалија веќе неколку декади и различни државни челници заедно со МПЦ-ОА правеле повеќекратни обиди за постигнување на оваа цел. Без да навлегуваме во дебати околу црковно-административните критериуми за здобивање на автокефалност и ако се фокусираме на неодамнешното доделување на автокефалност во Украина, Вселенската патријаршија јасно ги посочи клучните причини поради кои се одлучила на ваквиот позитивен исход. Настрана историските спреги и полемики кои се кршат со одлуката од 1686 година на тогашниот вселенски патријарх Дионисиј IV за тоа дали и до кој степен Вселенската патријаршија ја отстапила својата јурисдикција на РПЦ во однос на Киевската митрополија, Вселенскиот патријарх Вартоломеј се повикува на немањето волја и подготвеност од страна на РПЦ за решение во однос на шизмата во Украина. Па така, вселенскиот патријарх смета дека има пасторска и историска должност да го врати верниот народ во Украина во соборноста на Црквата. Согласно ова размислување, лесно може да се повлече паралела и кај македонското црковно прашање. Македонските верници живеат надвор од единството на црквата долги години и во изминатиов период не е направен никаков позначаен исчекор за решение на овој проблем. Вселенскиот патријарх ги повика СПЦ и МПЦ-ОА на разговори со негово посредство уште во јануари 2020 година. Меѓутоа, и покрај ковид-19 пандемијата, трилатералниот формат се покажува како пречка и сега СПЦ под старо-новото раководство инсистира на директни преговори со МПЦ-ОА, без притоа споменувајќи ја иницијативата за посредништво на Цариград како воопшто да не се случила – вели Богдановски.

    На прашањето како ќе реагираат другите православни цркви доколку Цариград на своја рака ѝ додели Томос за автокефалија на МПЦ-ОА, Богдановски смета дека нема сѐ да тече како мед и млеко.

    – Православниот свет е несомнено длабоко поделен во неколку блокови – едни цркви се блиски до РПЦ, други се блиски до Цариград и трети цркви кои се на средина, на пример Романската православна црква. Оваа поделба се должи повторно во однос на решението на украинското црковно прашање и неговите ефекти низ православието кои можеме да ги видиме денес, на пример, преку упадот на РПЦ во јурисдикцијата на Александриската патријаршија преку воспоставување на свој егзархат на африканскиот континент. Ова може да се смета за еден вид реванш за признавањето на Александриската патријаршија на автокефалијата на новата Украинска црква кој беше најавен од Иларион Алфеев уште во 2018 година. Тука некаде би требало да го гледаме и распоредот во евентуално унилатерално и брзо признавање на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија, односно без сеправославна согласност. Во таков случај и без согласност на СПЦ, во актуелната геополитичка рамка, дури и да издејствува автокефалија од Цариград, МПЦ-ОА ќе се бори долго време за билатерални признавања како што е тоа случај со Православната црква во Украина, која и по три години од доделувањето на автокефалија е призната од само 4 од вкупно 14 автокефални цркви. СПЦ и РПЦ остро би се противеле на ваквиот расплет и доколку СПЦ го следи рускиот одговор би се очекувало и да го раскине единството со Вселенската патријаршија, што дополнително би го продлабочило јазот во православието и дополнително би ја ослабнало улогата на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Се разбира за разлика од украинското прашање, македонското е дополнително обременето со идентитетски замки што дополнително го комплицира распоредот на поддржувачи и противници – посочува Богдановски.

    Сепак, додава тој, постои уште едно многу важно прашање: „Кој ќе биде називот на евентуалната автокефална македонска црква?“

    – Вселенскиот патријарх уште во 2018 година одлучно стави до знаење дека сѐ додека црквата го носи називот „македонска“ нема да се случи признавање од негова страна. Понатаму, сметајќи ги крајно затегнатите политички односи помеѓу Скопје и Софија, тогаш каков би бил одговорот од страна на Бугарската православна црква (БПЦ) доколку автокефалната македонска црква во називот содржи Охридска архиепископија, а токму БПЦ се смета себеси за наследничка на древната Охридска архиепископија? – прашува Богдановски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img