Украинскиот претседател Володимир Зеленски не успеал да го смени првиот човек на армијата, генералот Валериј Залужни, пишуваат западните медиуми. Двајца високи службеници, Кирил Буданов, кој е шеф на разузнавањето и командантот на копнените сили Александар Сирски одбиле да седнат на столчето на Залужни, пишува британски „Тајмс“.
Зеленски бил принуден да ги повлече понудите, пишува Тајмс. Конфликтот меѓу Зеленски и Залужни настнал откако на средба со претседателот на 29 јануари Залужни им рекол на советниците дека нивната проценка за ситуацијата на фронтот е повеќе оптимистичка отколку реална. По ова Зеленски од него побарал оставка.
Залужни одбил, а Зеленски се заканли дека ќе потпише указ за негово разрешување. Украинскиот генерал потоа, наводно, се вратил во својата канцеларија и им кажал на своите подредени дека заминува.
– Ги пакувам работите – наводно рекол Залужни, пренесува Тајмс.
Изворите јавуваат дека веројатната оставка на врховниот командант Залужни ќе биде првата алка во низата промени во високата команда на украинската армија, како и во другите државни органи.
Плусинфо веќе пишуваше дека Зеленски, меѓу останатото, е под притисок на САД да се справи со корупциските скандали во власта, што е еден услов за понатамошното финансирање на земјата. Тука е и притисокот од украинската јавност за досегашните успеси на украинската армија на фронтот.
САД и Велика Британија изразиле загриженост поради најавата за отпуштање на Залужни.
Членот на украинската Рада Алексеј Гончаренко во понеделникот објави дека Залужни е разрешен, но текстот на претседателскиот декрет не е објавен. На украинскиот генерал наводно му било понудено амбасадорско место, кое тој го одбил.
Британски „Економист“ напиша и дека на Залужни наводно му била понудена функцијата секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, што тој го одбил.
Според едно толкување на досегашните информации, шпекулацијата дека Залужни е пред разрешување ја рашириле токму неговите поддржувачи за во јавноста да добијат поддршка за Залужни. Меѓу поддржувачите се и луѓе од партијата на поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
Објавувањето на веста за Залужни може да му ја искомплицира работата на Зеленски, доколку тој навистина има намера да го смени Залужни.
Гласините за несогласувања меѓу Залужни и Зеленски кружат од 2022 година. Тогаш нашироко се зборуваше и пишуваше дека дел од политичката елита во Украина го гледал врховниот командант, кој има високо ниво на доверба во општеството, како потенцијален политички конкурент на Зеленски.
Од есента се шират гласини за намерите на Зеленски да го отпушти врховниот командант. Вклучително и поради стравот, како што се веруваше, од политичка конкуренција, како и со цел да се прогласи за одговорен за нереализираните планови на фронтот.
Самиот Зеленски лично во интервју за британските медиуми изјави дека армијата не може да се занимава со политика додека се водат борби.
– Тогаш тој (веројатно алудирајќи на Залужни) мора да оди во политика, но тогаш нема да може да се вклучи во војната – рече Зеленски во интервју за „Сан“ на крајот на ноември.
Во политичките кругови се разви силна гласина дека Зеленски се откажал од плановите за одржување избори во март 2024 година поради страв од конкуренција на Залужни, кој, според низа анкети, би можел да го победи актуелниот претседател.