Државната комисија за спречување корупција ќе отвори постапка за да утврди како лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари станал сопственик на куќа во скопско Тафталиџе.
„Државната комисија за спречување на корупцијата на колегиумот одржан на 24.02.2023 година, по сопствена иницијатива, оформи предмет за проверка на наводите дека градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари купил недвижност во Скопје од друг јавен функционер, за сума помала од пазарната“, извести ДКСК.
Оваа одлука на Антикорупциската комисија уследи по пишувањата на Фокус, а и откако оваа тема беше актуелизирана за време на собраниската расправа за избор на нови министри од редовите на Алијанса, која одлучи да влезе во владата на СДСМ и ДУИ.
Според Фокус, Таравари ја купил куќата од Љупка Јаоска, вработена во „Пуцко Петрол“ фирма на Исмаил Јаоски, истакнат функционер на ДУИ и трговец на големо со нафтени деривати, кој снабдува многу јавни претпријатија со гориво.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, коментирајќи го овој случај во Собранието, го обвини Таравари дека „куќата ја добил на подарок за да ја трансформира Алијанса на Албанците од опозициска во владејачка партија“.
Според анкетниот лист на Таравари, тој куќата во Тафталиџе ја купил за 150 илјади евра, за што навел дека зел банкарски кредит. Ниската цена ја објаснува со тоа што куќата имала потреба од реновинарање.
Според ДКСК, Таравари на 24.09.2021 година до Комисијата поднел образец за пријавување на промена на имотната состојба, во кој пријавил дека се стекнал со куќа во Скопје со површина од 261 квадратни метри во вредност од 9.254.250 денари.