Од 2017 година заклучно со 30 септември годинава се реализирани 4.578 постапки за медијација. Од нив, 43% или 1.981 се трговски спорови од кои, пак, околу 10% завршиле успешно, со спогодба. Вкупно 45% пак, или 2.041 од 4.578 постапки се работни спорови во кои најмногу влегла државата како работодавец, а од нив 98% завршиле со спогодба. Останатите се други спорови: имотно-правни, семејни, потрошувачки,…, информира Стопанската комора.
Како што соопшти Јелисавета Георгиева Јовевска, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора и национален координатор за медијација, ова значи растоварување на судството за волку постапки, но бројката може и да се триплира. Сите медијатори, напомена Георгиева Јовевска, имаат вештини и знаење да решат повеќе спорови.
-Една третина од 4.578-те постапки за медијација или 1.264 се откако е формиран Националениот совет за медијација, во последните две години. Оттука, формирањето вакви тела имаат успех во убедување на заинтересираните страни, особено на компаниите, да ја користат медијацијата – рече Георгиева Јовевска на прес-конференција.
Од 2016 година до сега, дополни, организирани се над 50 бесплатни предавања со учество на над 2.500 претставници од бизнис заедницата.
Георгиева Јовевска потсети дека во 2017 година беше сменет Законот за парнична постапка, а според измените, компаниите за сите парични побарувања до 1 милион денари, се обврзани најпрво да се обидат да ги решат стопанските спорови преку медијација. Во 2021 година се смени и Законот за медијација кој наложи формирање посебно тело, Национален совет за медијација, единствено во регионот.
-Во последните неколку години медијацијата најмногу ја користат компаниите од развиените европски земји: Германија, Италија и Холандија. Нивниот процент на успешност на решавање на стопанските спорови се движи од 70 до 90%. Во некои случаи овие земји немаат ниту законска рамка, медијацијата се спроведува со посебни правила и поради високата свест – рече Георгиева Јовевска.
Таа уште еднаш потсети дека медијацијата е и многу евтина – може да е бесплатна ако така се договорат страните или да чини не повеќе од 7 000 до 8 000 денари, сума што во однос 50:50 ја делат двете страни.
Таа ја најави втората регионална конференција „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности” што ќе се одржи на 18 октомври 2023. На конференцијата ќе присуствуваат над 100 претставници од бизнис секторот, локалната самоуправа, адвокати, судии, јавни обвинители и претставници од државните институции, а ќе има и околу 20 говорници. Разменети ќе бидат исксуствата на земјите од регионот и од ЕУ, но ќе биде испратена и пораката дека бизнисот и останатите сектори треба повеќе да ги користат алтернативните начини за решавање на споровите.
-Кого ја мотивираме бизнис заедницата да ја користи медијацијата како алатка за решавање на споровите, велиме, да не чекаат да дојде до проблем, да не чекаат компанијата да западне во одредена криза и да не чекаат да имаат спор, туку седнувајќи на маса со својот партнер, може да се реши некој иден спор. Тоа се придобивките од медијацијата – нагласи Георгиева Јовевска.
Првата регионална конференција се одржа во 2017 година, кога беа почетоците на промоцијата на медијацијата.