Рекордни 4.500 случаи на ковид-19 достигна 7,5 милионскиот Хонг Конг, економското средиште на Кина. Граѓаните се изморени од драконски мерки и „нула-ковид“ стратегијата на претседателот Си Џинпинг кои вклучуваа и убивање животни и над 2.000 хрчаци за да се избегне ширењето на нов петти бран на вирусот, пишува ДејлиМејл. Градот две години е отсечен од светот, 90 отсто од летовите се откажани, а бизнисите пропаѓаат или се селат.
И покрај предупредувањата на Кери Лам, шефицата на градот дека целосен локадун на градот би било неизводливо поради тоа што многу од граѓаните живеат во мали станови, претседателот веќе најавува нови мерки.
– Градот мора да ги преземе сите неопходни активности за да се осигураат безбедноста и здравјето на жителите на Хонг Конг – изјавил Си.
Неговата изјава весниците ја толкуваат како предупредување дека претседателот нема да толерира неуспех на нулта-ковид политиките. Си нагласи дека градот мора да ги „мобилизира сите можни сили и ресурси“ за да го заштити здравјето на жителите и да ја одржи социјалната стабилност.
Хонг Конг има околу 7,5 милиони жители, а болниците веќе се преполнети. Најмалку две болници ги сместија пациентите во кревети надвор од нивните влезови. Се наполнија и државните карантински кампови, па владата мораше да ги искористи социјалните станови и 10.000 хотелски соби за да ги сместува и изолира блиските контакти на луѓето кои биле заразени.