Доналд Трамп, 45-тиот американски претседател, кој беше од 2017 до 2021 година, официјално ја поднесе својата кандидатура за следните претседателски избори во САД во 2024 година.
За 76-годишниот Трамп тоа ќе бидат трети претседателски избори во неговата политичка кариера. Во првата победи и стана претседател, додека во 2020 година загуби од Џо Бајден, актуелниот претседател на САД.
Инаку, во рамките на сопствената партија, Трамп неодамна имаше препораки да се откаже од кандидатурата бидејќи одредени кандидати што ги поддржа постигнаа лоши резултати на неодамнешните избори за Сенатот.
Соработниците на Трамп поднесоа документи за претседателска кандидатура во 2024 година, додека Трамп прими бројни поддржувачи и обожаватели на неговиот луксузен имот на Флорида, во Мар-а-Лаго.
„Враќањето на Америка започнува токму сега“, им порача носителот на листата на републиканците на своите донатори и поддржувачи и најави дека својата кампања ќе ја започне речиси две години пред самите избори, кои се планирани за 5 ноември 2024 година.
Засега не се знае кој ќе биде лидер на демократите на претседателските избори. Според претходните изјави, актуелниот прв човек на САД, Џо Бајден, има намера да се кандидира на нови избори, а својата одлука треба да ја претстави следната година.