Владата е фокусирана на вистински капитални инвестиции, пример се вложувањата за општините и реализацијата на Коридорот 10д. За следната година во Буџетот се предвидени 50,5 милијарди денари за вложувања во инфраструктура, автопати, водоводи, канализации, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новонарско прашање за капиталните инвестиции за следната година.
Во одговорот тој се осврна и на дилемите во врска со договорот за автопарите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, а за што договорот го потшиша претходната власт.
– Ние сме фокусирани на вистински капитални инвестиции, тоа го гледате и во општините, тоа се гледа и на терен. Скоро бевме тука за да ја отпочнеме реализацијата на проектот за Коридорот 10д, кој автопатски ќе ги поврзе Прилеп и Битола. На почетокот имавме дилема кој пат да го фатиме. Првиот пат беше да излеземе од тој проект, а со тоа македонските граѓани да плаќаат стотици милиони евра пенали, поради катастрофалниот договор што го прифатила претходната Влада или второто беше да работиме, да го забрзаме процесот и тој што побргу да се реализира. Ние одлучивме второто да го правиме, бидејќи јас сакам да имаме автопати. Тие се дел од нашата програма и бевме свесни дека мора двапати повеќе со покрупни чекори да работиме за да можеме да ја стигнеме динамиката, за да можеме да го надоместиме тоа што беше испуштено од претходната Влада – рече Мицкоски.
Сега веќе се работи на две секции од четирите, додаде Мицкоски, а третата се подготвува.
– За четвртата, Требеништа-Ќафасан, имаме проблеми, бидејќи дел од делницата е во периметарот што е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели. Работиме и на тоа. Не направивме два пати побрзи чекори, четири пати побрзи направивме. На потегот од Прилеп до Битола од 1.200, 1.300 парцели, 850 веќе се решени, очекувам и другите. Армијата работи на деминирање на теренот, бидејќи на овој потег била линијата на фронтот во минатото. Така што, сите капитални инвестиции се реализираат и за следната година во Буџетот се предвидени околу 50,5 милијарди денари (820 милиони евра) – рече Мицкоски.
Тој вели дека во таа сума не се предвидени трансфери, а претходната Влада шпекулативно трансферите ги пријавуваше како капитални инвестиции.
– Ќе земат 200 милиона, ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитална инвестиција. Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции и токму од тие причини граѓаните тоа не го чувствуваа во својот стандард. Ние имаме вистински реални капитални инвестиции! Само еден податок ќе ви кажам за да имаме јасна претстава. До 24 јуни буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа три спрема еден, 18 милијарди на шест милијарди. Заклучно со месец октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди. Капиталните инвестиции се околу 19 милијарди и тие до крајот на годината би требало да се спојат, што претставуваше наше основна задача, бидејќи за тоа што се задолжуваме тоа да го вложуваме преку капиталните инвестиции за да имаме додадена вредност – информираше премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека пет месеци се трудат да го консолидираат сето она што повеќе од три децении е уништувано, а е во државна сопственост.
– Свесен сум дека за она што се уништило овие три децении немаме магично стапче, ниту, пак, некогаш сум ветил дека имам магично стапче. Чуда се невозможни. Но, исто така би ви кажал дека сè што можам ќе направам, за дел од овие работи што се уништени во овие три децении да ги коригираме. Додека сум јас премиер проблемите ќе се решаваат – рече Мицкоски.
Дел од тие објекти, како што кажа, се поврзани со многу испреплетени административни предизвици и ќе треба време да се решаваат нерешени имотно правни и должничко-доверителски односи.
– Меѓу нив, мој личен приоритет е Еурокомпозити. Лично работам и лично барам потенцијален инвеститор којшто би можел да ги сервисира обврските кон поранешните вработени, да вложи и да почне производство на нешто кое што можеби на државата годишно ќе ѝ носи од 250 до 300 милиони евра приходи. Лично лично работам на тој проект. Се надевам дека наскоро ќе имаме добри вести. Проблемот е што ниту една банкарска институција не дава кредит за наменска индустрија, а денеска компаниите се борат да опстојат и затоа им е потребна банкарска поддршка. За жал, голем дел од банките не сакаат да поддржуваат наменска индустрија, па ќе видиме – рече Мицкоски.
Во врска со кредитот за компаниите од унгарскиот заем премиерот рече дека ѝ дал насока на министерката за финансии во недела во 12 часот во Министерството за финансии да организира состанок со банкарската асоцијација на кој ќе присуствува и тој.
– Ќе им кажам уште некои работи на состанокот, а дотогаш имаме уште неколку консултации. Суштината е дека ние кога го земавме кредитот заедно со банките работевме на случајот тие да не бараат дополнителни трошоци. Мислевме дека треба заеднички да го споделиме како ризик, бидејќи секогаш кога ќе ме прашаат како да помогнеме – еве како, еве начин како, вака се помага. Со муабети и тапкање по рамо не се помага. Ајде заедно со државата да го споделиме и овој ризик. Мислевме дека и тие треба да бидат општествено одговорни, бидејќи како влада ниту имаме братучеди, ниту имаме браќа коишто водат бизниси, па да бараме меки кредитни линии од банкарите. Ние ништо не бараме. Еве петти месец сме влада, бараме за граѓаните затоа што на крајот на денот кога ќе ја помагате македонската економија, вие ги помагате граѓаните. Ова е начинот да си помогнеме сите заедно – потенцира Мицкоски.
Сепак, додаде тој, и досега кога државата давала вакви меки кредитни линии секогаш безусловно ја прифаќала каматата и за тоа вкупно се потрошени околу 650 милиони евра.