По неколкучасовна комплицирана операција, која започна во 08:00 часот, претседателот на Република Српска Милорад Додик е сместен на одделението за интензивна нега.
Поради акутни болки Додик вчера бил хоспитализиран во Белград и било утврдено дека му е потребна операција на хранопроводникот и желудникот.
Операцијата е извршена во клиника специјализирана за овој тип на болест, со вклученост и консултација на лекари од Република Српска.
Во соопштението се додава дека претседателот на РС им се заблагодарил на странските државници и на сите жители на Република Српска за пораките за поддршка и желби за брзо закрепнување што ги доби синоќа и денеска.
„Јавноста ќе биде навремено информирана за здравствената состојба на претседателот на Република Српска“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.