Пејачот Дино Мерлин закажа 4 концерти во ноември во Белград, но во Србија веќе е покрената петиција со која се бара воведување забрана за одржување негови концерти во Србија.
Имено, на сајтот „peticija.online“ се наоѓа фотографија од босанскиот пејач Дино Мерлин со натпис „Непожелен“, а тоа е поради неговите изјави кои наводно претставуваат говор на омраза, а кои никогаш не се потврдени.
Дино, наводно, некогаш изјавил дека „на неговите концерти не може да присуствуваат животни и Срби“, а некогаш наводно повикувал и на смрт на српскиот народ.
Сепак, тој вели дека никогаш не кажал такво нешто:
– Никогаш не сум рекол такво нешто. Јас не мразам никого. Тој глагол не посоти кај мене. Тоа е ноторна невистина. Толку многу што се пишуваше за мене сите овие години е целосно измислено – изјави Мерлин.
Па така, на петицијата досега се имаат потпишано над 33.000 Срби, а бројот се зголемува од минута во минута.
На социјалните мрежи деновиве почна масовно да се споделува и песната „Да те није Алија“ што ја пее Дино Мерлин во 1993 година, а Србите му замеруваат оти се зборува дека оваа песна е посветена на покојниот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.
Големи критики кон Мерлин пристигнаа и од пејачката Маја Николиќ, која босанскиот пејач го нарече – фрик.
– Срам ми е во името на сите нас. Мислам дека најнеобразованиот слој во нашето друштво купи карти за неговите концерти. Наместо сите да потпишеме петиција да му се забрани влез во Србија, ние дозволуваме таква фрик ѕвезда да ја полни нашата Арена. Човекот прво плукна на себе и на своите изјави. Мерлин прво нема достоинство штом доаѓа тука, а отворено повика на убивање на Срби. Ниту еден уметник не смее да биде обоен со омраза, иако сметам дека тој и не е уметник, затоа што стана славен со хитовите кои ги напиша за Весна Змијанац и Цеца Ражнатовиќ. Најголемите српски естрадни ѕвезди. Не можам да сфатам кого ние величиме, еден обичен одрон, кој за потсетување, е гадлив кон Србите, но, не и на српските пари – рече Николиќ.
Според српските медиуми, проценето е дека Дино Мерлин од своите 4 концерти во Белград би требало да заработи околу 2 милиони евра.