Пушењето предизвикува 25 болести, од чии последици годишно умираат околу шест милиони луѓе. Иако за откажување од пушење најпрво е потребна волја, постојат трикови кои можат да ви помогнат да се ослободите од грдата и скапа навика со која си штетите на себе и на другите.
1. Кога ќе почувствувате силна желба за пушење, запишете колку долго трае тој силен нагон. Никотинските кризи доаѓаат во „бранови“ и траат околу три минути. Ќе ви биде многу полесно кога ќе знаете дека и овој бран ќе помине.
2. Имајте тврди бонбони. Шеќерот помага да се потисне желбата за цигара, но не претерувајте, туку комбинирајте и бонбони без шеќер. И една чаша ладна вода може да ја намали желбата за цигара.
3. Пешачењето и вежбањето се совршени во борбата против пушењето. На овој начин телото побрзо ќе ја преброди никотинската криза, која е нормална при откажување од пушење.
4. Доколку чувствувате силна желба за цигара, подгответе си пријатна купка со етерични масла како лаванда или јасмин или топол туш. Ќе ве смири и опушти.
5. Никотинската гума за џвакање помага и за надминување на никотинската криза, особено во првите десет дена. Погледнете ги и другите сојузници во борбата против пушењето.
6. Во моментот кога ќе почувствувате криза, измијте ги забите. Ментолот веднаш ќе ви ја намали желбата за цигара.
7. Кафето заменете го со чај бидејќи теинот има слично дејство како кофеинот. Исто така, на овој начин, барем во првиот дел од откажувањето, ќе се ослободите од навиката да пиете кафе со кое со задоволство сте ја пушеле својата прва цигара.
8. Џвакајте гума за џвакање со вкус на мента или стапчиња цимет. Ова исто така помага да се потисне нагонот за пушење и не заборавајте дека кризата трае само 3 минути.
9. Подгответе го вашето тело да се откаже од пушењето, земајте мултивитамини и јадете многу овошје. Исто така, половина децилитар јаболков оцет измешан со 2 децилитри вода е напиток кој може да ја намали желбата за цигара.
Размислете зошто сè уште пушите:
Незамисливо ви е кафето без цигара
Вечерното излегување без пушење не претставува целосно задоволство
Цигарата ви е занимација за рацете
Цигарите ви се омилениот порок
И кои се конкретните здравствени придобивки од откажувањето од пушење?
По 20 минути: отчукувањата на срцето и крвниот притисок се намалуваат
По 12 часа: нивото на јаглерод моноксид во крвта паѓа на нормала
По 2 до 12 недели: циркулацијата се подобрува и функцијата на белите дробови се зголемува
По 1 до 9 месеци: се намалуваат кашлицата и отежнатото дишење
По 1 година: ризикот од коронарна срцева болест е половина помал од оној на пушачите
По 5 години: ризикот од мозочен удар се намалува
По 10 години: ризикот од рак на белите дробови е половина помал од оној на пушачите, ризикот од рак на устата, грлото, хранопроводникот, мочниот меур, матката, панкреасот исто така се намалува
По 15 години: ризикот од коронарна срцева болест е ист како оној кај луѓето кои никогаш не пушеле
Покрај здравствените придобивки и финансиите можат да бидат добар поттик за да се откажете од пушењето.
Просечниот пушач во Македонија, кој пуши речиси една кутија дневно, троши околу илјада евра на цигари годишно.