Договорот за закуп на капацитет помеѓу ЕСМ и Митилинеос по ниту еден основ не може да се смета за државна помош, имајќи предвид дека инвеститорот ја отстапува енергијата по цени пониски од пазарната. Во изминатите неколку години има бројни вакви примери на ниво на ЕУ, каде токму Европската комисија одобрува ваков тип на договори во кои се комбинира финансиска поддршка со закуп на капацитет – вели за 24инфо Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, во одговор на забелешките на министерот на за економија Крешник Бектеши за овој проект.
– Сакам да бидам и јасен дека ваков тип на договори кои се новина кај нас се пракса и во европската регулатива. На потполно ист начин беше воден и овој процес. Ние како институција бевме вклучени во процесот на разгледување и усогласување на законот и предлог-договорот во сите владини процедури каде предлагач беше токму Министерството за економија. На крајот за законот даде свое мислење и Комисијата за заштита на конкуренција, а согласно нашата регулатива, пред потпишување на договорот за државна помош, чијашто подготовка следи по потпишување на законот, ќе побараме мислење и од Енергетската заедница од Виена – вели Деспотовски.
Тој додава дека има примери каде Европската комисија им одобрува на земјите членки исплата на премии на производители на енергија од вакви централи над износот што го остваруваат на пазарот.
– Истото е со цел да се обезбеди токму стабилност и независност во снабдувањето на економијата и граѓаните со енергија. Во СР Германија за една ваква програма државата обезбедила близу две милијарди евра. Навистина не гледам причина зошто и Македонија да не го следи тој пример – посочи Деспотовски.
Когенеративната централа во Скопје што треба да ја гради мултинационалната компанија со потекло од Грција Митилинеос е една од четирите стратешки инвестиции во енергетиката која треба да ја зајакне енергетската независност на државата. Проектот чини 290 милиони евра за изградба на централа со годишно производство на околу 1.150 GWh електрична базна енергија. Планирано е централата да се изгради во индустрискиот комплекс Железарница.
Милитинеос (MYTILINEOS Energy & Metals) е глобална индустриска и енергетска компанија, основана во 1990 година, а денес има активности на сите пет континенти. Комапнијата има големо и докажано искуство во изградбата и работењето со слични енергетски капацитети, со успешно изградени околу 14.000 MW електроцентрали на гас во светот и е најголемото приватно интегрирано енергетско претпријатие во Грција, со консолидиран промет од 6,35 милијарди евра и профит пред оданочување од 823 милиони евра. Бројот на директните и индиректни вработени во Грција и во странство се движи околу 5.500 лица
Според предлогот од Владата финансиската поддршка од државата е дефинирана на 17% од предвидената инвестиција од 290 милиони евра или околу 50 милиони евра. Компанијата од првиот ден е обврзана да ги плаќа сите давачки кон државата – придонеси за вработените, персонален данок и данок на добивка. Според планот за 30 години, по овој основ државата ќе приходува помеѓу 120 и 150 милиони евра.
– Стратешката инвестиција на гасна конегертивна централа треба да обезбеди намалување на топлинската енергија за најмалку 40%. Тоа ќе ги намали цените на парното греење во Скопје и директно ќе влијае на зголемување на интересот на граѓаните, особено оние кои некогаш се исклучиле, повторно да се приклучат на мрежата. Тоа пак, ќе ослободи доста електрична енергија што скопјани сега ја користат за затоплување на своите домови, наместо парното греење. Дополнително, овој проект дава директен придонес кон намалување на аерозагадувањето на главниот град – вели Деспотовски.