Бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека Бугарија не бара ништо повеќе од она што е содржано во францускиот предлог, а како најважно прашање за самиот процес на преговори ги наведе правата на Бугарите во земјава.
– Вистинскиот „слон во собата“ е кога тие ќе ги направат промените на Уставот. Очигледно, ова е тежок процес за нив и на некој начин болен. Тие треба да го направат тоа бидејќи тоа е во срцето на т.н европски компромис од минатата година, врз основа на францускиот предлог. Освен тоа, таму има и други одредби кои мора да се следат во текот на преговорите и тие се поврзани со заштитата на граѓанските права на луѓето со бугарско самосознание – изјави Денков.
Тој рече дека за македонското досие разговарал и со неколку европски лидери, на кои им забележал дека кон Скопје се испраќале погрешни сигнали, алудирајќи и на резолуцијата на германскиот Бундестаг.
– Разговарав со премиерот Шолц и му кажав многу јасно мислам дека во извесна смисла се испраќаат погрешни сигнали кон Македонија. Имаме многу јасна основа за нашите односи, а тоа е тој европскиот компромис. Секој обид да се излезе од него повеќе ќе му наштети на процесот – вели Денков.