Клучна средба на која се очекува да падне договор за проширување на владината коалиција, треба да се одржи денеска меѓу лидерите на СДСМ и Алијанса на Албанците. Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски за денеска напладне го покани в.д.претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари на средба во Владата. Од СДСМ брифираат дека Ковачевски ќе му понуди на Таравари Алијанса за Албанците да биде новиот владин партнер.
Според неофицијални информации понудата од Ковачевски ќе биде три министерски позиции за Алијанса, за да стане дел од владиното мнозинство. Неофицијално, има неколку комбинации на ресори кои Ковачевски ќе ги стави на маса пред Таравари. Се шпекулира дека по еден ресор ќе му отстапат сегашните партнери во владата СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Наводно во како најверојатни кандидати во предвид биле земени министерствата за образование, за здравство и за земјоделство, кои би ги воделе кадри од Алијанса на Албанците.
Според партиски извори, Алијанса за Албанците треба да добие и три заменички места во министерствата: заменик-министер за правда, заменик министер за транспорт и врски, како и заменик-министер за труд и социјална политика. Згора на тоа, пак, партијата ќе може да именува дури 30 раководни лица на разни дирекции и институции.
Ако Алијанса одлучи да влезе во Владата парламентарното мнозинство ќе се зголеми за плус осум и ќе брои 72 пратеници, што сепак не е доволно за усвојување на уставните измени, кои се главниот мотив за проширување на владината коалиција.
Од Алијанса за Албанците засега нема официјална потврда дека целта на оваа партија е да стане дел од владината коалиција, но потврдуваат дека нивните осумте пратеници ќе гласаат за уставните измени без разлика дали се на власт или во опозиција.