More

    Даниловски вели дека авиодизенскцијата против комарци не е ефикасна

    spot_img

    Авионското прскање против комаци не е ефикасно, напиша епидемиологот д-р. Драган Даниловски, на Фејсбук во својата детална анализа за тигрестите комарци, чиј број станува се поголем во земјава.

    „Пред неколку дена ми падна в очи еден напис во “The Washington Post”, за појава на епидемија на болеста денга во Перу (население 33,7 мил.), со рекордни 110.000 заболени, што директно го поврзуваат со обемни дождови во претходниот период и повисоки температури заради климатските промени.

    Инаку, болеста се пренесува со помош на комарци, особено т.н. тигрести комарци (Aedes albopictus). Колку повеќе врнежи, толку повеќе комарци – и толку повеќе заразени. Епидемијата е предупредувачки знак за земјите во тропските предели, бидејќи климатските промени носат топло и влажно време, што обезбедува идеални услови за размножување на комарците.

    Но, тоа е предупредување и до сите други на планетава. Глобалното затоплување си го прави своето. Со порастот на просечните температури и влажноста, се менуваат еколошките услови во околината, кои стануваат поволни за размножување и ширење на цела лепеза артроподи (инсекти, крлежи), кои претставуваат вектори за огромен број вируси.

    Освен за денга, тигрестите комарци се вектори и за некои други заболувања: треската чикунгуња, зика, жолта треска, како и некои паразити. За среќа, овие болести не се присутни во Македонија, па затоа комарците, реално, не можат да ги пренесат. Но, сепак, реален ризик е пренесувањето на вирусот на западнонилската треска, зашто природни резервоари претставуваат птиците.

    Драматичната глобална експанзија на тигрестиот комарец се должи, пред сѐ, на човечките активности, особено трговијата со половни гуми и пасивниот транзит преку јавен и приватен транспорт. Втора причина е неговата извонредна еколошка пластичност и компетитивност.

    Од средината на 1960-тите, тигрестиот комарец се проширил во Европа, обете Америки, Карибите, Африка и Блискиот Исток. Откако се има етаблирано во Албанија (1979), потоа, во Италија и на Азурниот брег во Франција. Познато е дека Ае. albopictus се проширил во Грција, Шпанија и балканските земји, Швајцарија, Шпанија, Холандија и Малта. Најден е и во јужна Германија, Австрија, Чешка и Словачка, Словенија, Русија, Турција и Романија. Во САД е внесен, исто така, преку трговија со половни гуми.

    Предвидувањата за климатските промени укажуваат дека Ae. albopictus ќе продолжи да биде успешен инвазивен вид, кој ќе се шири надвор од сегашните географски граници. Овој комарец веќе покажува знаци на адаптација на постудени клими, што може да резултира со пренос на болести во нови области.

    Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто, практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци.

    Карактеристично е што женките касаат по цел ден, а не како другите, само наутро и навечер. Исто така, за положување на јајцата не му се потребни големи површини застојана вода, туку доволни се и мали количини, на пример, во саксии за цвеќе, вазни, контејнери и автомобилски гуми, барички вода во дворот. Агресивен е и создава посилни алергиски реакции кај луѓето, отколку „домашните“ комарци.

    Затоа, авиодезинсекцијата во населените места, која се спроведува секоја година по неколку пати е „сизифовска“ работа, зашто, едноставно, не може да биде успешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди.

    Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. За лична заштита, треба да се користат репелентни средства.

    На прагот сме на летото и на интензивна активност на тигрестите комарци. Иако е малку веројатно да пренесат егзотични болести (види погоре) кај нас, сепак, реално, ќе предизвикуваат тешки непријатности, заради целодневното агресивно касање.

    Оттаму, мислев дека нема да биде на одмет едно укажување до надлежните за потребата од менување на стратегијата за превентивна дезинсекција, како и потсетување на граѓаните за индивидуалните мерки за заштита“, пишува Даниловски во својот пост.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img