Двајца високи функционери на земјата вчера изјавиле дека Иран планира да одговори на неодамнешните израелски напади, што се заканува да го продолжи циклусот на одмазда меѓу земјите, пишува „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на ирански медиуми.
Весникот, исто така, пренесува изјави на ирански официјални лица дека врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, му наредил на Врховниот совет за национална безбедност во понеделникот да се подготви за напад.
– Одговорот на Иран на ционистичката агресија е сигурен. Никогаш не сме ја оставиле агресијата без одговор во последните 40 години. Ние сме во состојба да уништиме сè што поседуваат ционистите во една операција – изјави генерал Али Фадави, заменик командант на иранската револуционерна гарда, пренесуваат иранските медиуми.
Како што пренесува „Њујорк Тајмс“, ескалирачкиот циклус на директни напади меѓу Иран и Израел во изминатите шест месеци го доведе регионот на работ на сеопфатна војна, но ниту една страна не изгледа подготвена да отстапи.
Друг ирански функционер, шефот на канцеларијата на врховниот лидер, Голамхосеин Мохамади Голпајегани, исто така рече дека Иран планира „силен, жесток одговор“ на „очајната акција“ на Израел, според Тасним, полуофицијална новинска агенција поврзана со Револуционерната гарда.
Останува нејасно како и кога Иран планира да одговори, дали сè уште може да се убеди да не го стори тоа, дали изјавите можеби се само закани за стекнување на подобра преговарачка позиција или дали Иран ќе почека до изборите во САД следната недела за да дејствува.