More

    Дали ќе има скалесто зголемување на другите плати, засега не се знае

    spot_img

    Синдикатите, работодавците и владата се договорија за износот и методологијата за пресметка и зголемување на минимална плата. Таа од март ќе изнесува 18.000 денари, а дел од придонесите ќе ги покрие Владата од државниот буџет. Ваква плата ќе примаат 80.000 работници. Дали ќе има скалесто зголемување на другите плати, засега не се знае.

    Договорена е и нова методологијата за годишно усогласување на минималната плата која сега е: 50 отсто од годишниот раст на просечната плата, 50 отсто од просечниот раст на трошоците на живот. Притоа како трет основ е висината на минималната плата да не биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

    Со договорот работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата. Државата пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 до онаа која ќе се исплаќа за март од 18 илјади денари. Државата овој договор годишно ќе ја чини 16 милиони евра, но затоа, пак, ќе значи и остварување на ветувањето за минимална плата од 18.000 денари.

    Синдикатите задоволни и ветуваат зголемување на продуктивност на работниците. Тие се надеваат дека ова ќе придонесе и за скалесто зголемување на сите останати плати. Организацијата на работодавците иако даде зелено светло на методологијата и висината на минималната плата, најавуваат став откако ќе го консултираат членството.

    Опозицијата најави дека ќе ја поддржи минималната плата во собранието, но дека со амандмани ќе бара скалесто зголемување на платите, посебно во јавната администрација и ќе бара ребаланс на буџетот за да им се дадат пари на општините за платите во образованието.

    Експертите, пак со јасен став, дека се за раст на минималната и другите плати, но тоа да не се прави административно (вештачки) поттикнато од дневно политички и популистички побуди, туку да се темели на економска логика и научната издржаност.

    – Минималната плата треба да се зголемува никој не го тврди спротивното, но тоа треба да се прави врз основа на два критериума: да биде направено врз здрава основа, според економската логика и да биде дел од добра социоекономската политика на платите, односно да биде избалансиран и научно потврден процес. Административното (вештачкото) зголемување на минималната плата, меѓутоа ќе доведе до ситуација некој што земал 18.000 денари плата пред корекцијата, да зема исто со оној што бил, што се вели, до вчера на минималец. Ако не расте и нивната плата, тогаш ќе почне да се создава незадоволство кај дел од вработените. Тоа значи дека ќе има пад на продуктивноста кај другите вработени, што е посебен проблем за работодавците и државата во целост – вели универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

    Подготвеноста на политиката да го почне процесот на раст на минималната плата, според професорот, треба да продолжи со скалесто зголемување на другите плати посебно во јавниот сектор и со раст на пензиите.

    – Процесот кој е почнат со минималната плата треба да продолжи и со останатите плати, но и со пензиите кои мислам треба за се зголемат за најмалку 10 отсто. За да се обезбеди баланс во процесот, треба да следи скалесто зголемување и на останати плати во сите сектори, посебно во јавниот сектор. Државата треба да даде пример со јавниот сектор, согласно Законот за минимална плата и согласно колективните договори потпишани во јавниот сектор, платите да растат и да се усогласуваат со растот на минималната плата. Мора да се залагаме како општество минималната плата да расте, но да растат и сите останати плати кај другите нивоа на вработени. Во спротивно се ќе се сведе на дневнополитички потреби и популизам во кој се искористени дел од работниците – вели Јовевски.

    Тој смета дека во сегашни услови државата е должна да ги помогне компанииите да се справат со новите трошоци за плати.

    – Веќе видовме дека работодавците самите јавно кажаа дека не можат да го следат ова темпо на зголемување на минималната плата и затоа за да не се создаде хаос, односно дисбаланс, како што беше практика во изминатиот период, потребно е тие да добијат поддршка од државата. Ова мое мислење го потврди и вчерашниот договор според кој државата ќе субвенционира дел од придонесот – вели тој.

    Професорот Трајко Славевски исто така смета дека со вештачко зголемување на минималната плата ќе се направи хаос во системот на плати и ќе ги исцрпи компаниите. Тој смета дека синдикалното барање за минимална плата која ќе изнесува 60 отсто од посечната ќе го зголеми бројот на работници со ваква плата.

    -Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на над 20 отсто од вработените и не може да биде 60 отсто од просечната плата, кога Европската унија изрично наложува максимумот да биде 50 отсто. Затоа што тоа би придонело најголем број од компаниите во Македонија да затворат или пак остатокот од компаниите коишто се подобри да ја доживеат судбината на БЕГ, односно полека да станат државни фирми. Тоа значи враќање назад – рече Славески.

    И за синдикатот на УПОЗ неусогласеноста на платите со минималниот износ на плати во јавната администрација ќе предизвика хаос во системот на плати и големо незадоволство кај вработените во јавната администрација.

    – Со вака неусогласени плати со минималната најголем проблем ќе има една категорија од вработените во јавниот сектор, а тоа е категоријата Г која сега зема плата од 18.000 денари. Тоа ќе предизвика незадоволство кај вработените и пад на продуктивноста – велат од УПОЗ.

    Од Синдикатот на образование наука и култура (СОНК), пак, договорот за растот на минималецот го оценија како политички  кој е на задоволство на 13,7 отсто од работниците, а останатите 86,3 отсто, како што велат, се прашуваат дали конечно ќе профункционира правната држава и дали законот за минимална плата ќе се почитува во целост.

    -Класична „урамниловка”. Во градинките, дури 10 групи на различни работни места, со различни бодови, ќе земаат иста плата. Во основното и средно образование само 5 групи на работни места со различни коефициенти ќе земаат иста плата, односно 18.000 денари. Ова е класичен пример на урнисување на платниот систем, непочитување на законите, колективните договори и меѓународните конвенции кои го третираат овој проблем. За волја на вистината, на синоќешната средба не беше негирано дека ќе има зголемување на платите и на другите работни места во различни дејности (образование, детски градинки, администрација, здравство итн.), но тоа треба дополнително да биде ставено на дневен ред на Економско – Социјалниот Совет (ЕСС) и да се преговара и договара – велат од СОНК.

    Работодавците веќе ги прават пресметките за новите трошоци за плати од кои директно ќе зависи дали ќе посегнат по откази или ќе успеат во услови на ударите од повеќе кризни состојби да го одржат нивото на вработени и да гои избалансираат финансиите.

    Од Организацијата на работодавци истакнаа дека ја поздравуваат одлуката на Владата за зголемување на минималната плата. Истовремено, како што нагласија, „мора да кажеме дека ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап“.

    – Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и дополнително да излеземе со став по однос на реперкусиите на минималната плата врз нивното работење и врз процесите на продуктивноста на работењето во иднина – изјави синоќа претседателката на Организацијата на работодавци, Владанка Трајковска.

    Владата е задоволна од исходот на преговорите и од тоа дека се остварило нивното ветување за минимална плата од 18.000 денари.

    -80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните – изјави синоќа премиерот димитар Ковачевски.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе ја поддржи договорената минималната плата, но со амандмани ќе бара зголемување на останатите плати.

    – ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата во парламентот, едногласно, но истовремено ќе интервенира амандмански во законот и ќе бараме доследно почитување на колективните договори и коефициентите на сложеност на работните места, кога се исплаќаат платите на сите вработени во администрацијата. Да има за сите, а помалку да има корумпираната Влада да краде. Очекуваме веднаш ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините од страна на Владата за целосно почитување на правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата – соопштија од опозициската партија.

    Минималната плата во земјава за прв пат беше утврдена во 2012 година на ниво од 8.050 денари. Низ годините таа се коригираше минимално, а најголем скок имаше во 2019 кога од 12.500 порасна на 14.500 денари. Во моментов минималната плата изнесува 15.194 денари во нето износ, или 22.164 денари во бруто износ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img